Пак се разгоре депонијата „Краста“, не дава резултати затрупувањето на ѓубрето(видео)
Повторно се разгоре ѓубрето на депонијата „Краста“ кај Куманово. Жителите на селото Пчиња кажуваат дека дел од депонијата е зафатен од пламен.
Пред неколку дена, Општина Куманово, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, ангажираше механизација за затрупување на сметот во делот од депонијата од кој се ширеше чад.
„Во тек е расчистување на депонијата и нанесување нови слоеви земја, со цел да се намали ризикот од самозапалување на подземните гасови и појава на пожари. Благодарение на оваа навремена интервенција, процесот на санација се одвива значително поефикасно“, соопштија тогаш повеќе кумановски политичари.
Жителите предупредија дека ваквиот пристап нема да даде резултати, туку дополнително ќе го искомплицира, бидејќи при разнесување на отпадот се потпалува и дел од ѓубрето кое претходно не било зафатено.

„Утринава се потврди она што го најавувавме. Наместо да ја изгаснат, уште повеќе ја распалија депонијата. Не може ѓубре полно со најлони и пластика да се нанесува над делот кој тлее и да се очекува дека пожарот ќе се изгасне. Ако навистина сакаат да ја изгаснат депонијата, потребно е неколку дена да не се изнесува нов отпад и континуирано да се нанесува чиста земја за да нема материјал што може да се запали. Утринава буквално се гушиме во чад, повеќе од кога било досега“, велат жители на Пчиња за Кумановоњуз.
На проблемот реагираше и граѓанската организација „Еко Пчиња“, која побара одговорност од надлежните институции за, како што велат, неадекватното постапување.
„Да фрлаш ново ѓубре врз запалена депонија не е само врв на неспособност – тоа е директен еколошки криминал против здравјето на граѓаните. Додека отпадот гори и испушта токсичен чад, надлежните буквално долеваат масло на огнот. Наместо итна санација и гаснење, добиваме нов отпад врз пожарот. Бараме итна реакција од инспекциските служби и локалната власт. Нема да молчиме додека ни ги уништувате белите дробови. Кој ќе преземе одговорност утре, кога граѓаните ќе почнат масовно да се разболуваат од токсичните гасови, диоксините и ПМ-честичките што секојдневно ги вдишуваме?“, прашуваат од „Еко Пчиња“.
Жителите на селото Пчиња на 3 јуни одржаа состанок на кој се договорија да покренат петиција со конкретни барања до локалната и централната власт. Поддршка добиле и од жителите на околните села Студена Бара, Винце, Вак'в, Биљановце, Романовце, Бабин Дол, Ново Село и Доброшане, како и од скопските села што граничат со овој регион.
„Нашиот проблем не е политички ниту партиски, туку системски, бидејќи со децении не се решава“, порачаа тогаш од Месната заедница на селото Пчиња.
Тие најавуваат и правна битка за конечно решавање на проблемот со депонијата и, како што велат, децениското труење на населението.