Мени

Продолжи судењето на серискиот убиец, сведочеа две жени од Челопек кои ги преживеале нападите

31.08.2026 17:43 | Сузана Николиќ

Во Основниот суд во Куманово денеска продолжи судењето против серискиот убиец Трајко Бојковски (25) од селото Драгоманце, обвинет за 4 убиства и два обиди за убиства на жени во повеќе села Општината Старо Нагоричане.

Продолжи судењето на серискиот убиец, сведочеа две жени од Челопек кои ги преживеале нападите

На рочиштето беа сослушани Росанда Трајковска (87) и Слоботка Арсовска (83) двете од селото Челопек, кои биле нападнати во нивните домови. Сведочењето пред судот за двете жени беше стресно и трауматично, особено поради нивните сериозни здравствени проблеми, но и срамот да зборуваат за тоа низ што поминале.

Росанда била нападната на 9 февруари 2025 во својата куќа додека гледала телевизор. Таа не го познавала насилникот од порано, и раскажа дека кога влегол во собата ѝ фрлил нешто врз главата и почнал немилосрдно да ја тепа додека не почнало да ѝ тече крв од носот и устата.

„Цел саат ме тепеше, ме удираше со раце и со телефон по главата. Ми го повреди окото кое се уште ме боли. Потоа ме згазна на ногата и не можев да мрдам. Ме допираше и по телото, по градите и стомакот и подолу. Срам ми е да кажам што сакаше да ми прави. Се обиде да ме соблече ама не успеа. Сакаше да ме силува ама немаше време. Изгледа нешто тропна, куќата ни е до покрај патот и тој избега. Не знам зошто ме нападна, кажуваат дека потепал доста жени“, кажуваше вознемирената жена.

Втората жртва, Слоботка Арсовска, била нападната од 22 јули во еден часот по полноќ, откако Трајко бесшумно влегол во куќата. Таа го познавала од порано и го прашала што бара тука, но тој без да ѝ одговори почнал да ја удира. Откако паднала на грб легнал врз неа и почнал да ја дави за вратот. Останала без воздух и со последни сили го довикувала син ѝ, по што насилникот се исплаши и побегнал. Таа се онесвестила и дури наредниот ден побарала помош од семејството. Во судницата го препозна Трајко и покажа дека тој ја нападнал.

„Во исказите на двете жени се потврди она што беше кажано, имаше мали нијанси, но како што и самите можевте да видите се работи за повозрасни жени, мислам дека тоа е и разбирливо. Меѓутоа, во целокупноста на изнесеното обвинение нема некоја суштествена разлика, тоа што го кажаа во обвинителството и тоа што го кажаа денеска“, кажа обвинителот Љубомир Лапе.

Адвокатот Тони Цветковски кој му е назначен по службена должност на обвинетиот, побара на нередното рочиште да бидат сослушани тројца психијатри кои го изготвиле вештачењето, за да се утврди дали Бојковски треба да се префрили на лекување во психијатриска болница за да не го повтори делото. Исто така, предложи и да се сослуша обвинетиот и да се испитаат сите околности наведени во обвинението.

„Судот го прифати мојот предлог да бидат повикани вештите лица да се произнесат во делот каде што нивниот заклучок се однесува за психолошкиот профил на обвинетиот, кој укажува дека постои висок ризик за повторување на кривичните дела. За да се спречи и елиминира таа опасност, единствен инструмент е изрекување на мерки за безбедност од член 63 од Кривичниот зконик (КЗ). Мојата интенција е да се произнесат вештите лица дали судот може да изрече таква мерка за безбедност со која би ја отстранил таа опасност на која укажаат. Обвинетиот сигурно ќе биде осуден врз основа на матерјалните докази, меѓутоа тоа не значи дека нема да се однесува така како што предвидуваат вештите лица“, кажа адвокатот Цветковски.

Обвинителот Лапе смета дека од вештачењето е јасно и произлегува дека обвинетиот е пресметлив, и затоа се противеше на предлогот.

„Бранителот се повика на член 63 од Кривичниот законик кој се однесува за ситуации кога осомничениот или обвинетиот е во видно намалена пресметливост или е целосно непресметлив. Тука беше процесниот приговор што го истакнав. Вештачењето не остава простор за сомнеж дека се работи за целосно пресметливо лице.“, рече Лапе.

Според обвинението, Бојковски делата ги сторил од ниски побуди и убил 4 жени и се обидел да убие уште 2. Мотивите за убиствата се некрофилија, бидејќи за да ги задоволи своите полови страсти, мртвите жени кои од порано ги познавал, главно сами, немоќни и стари, ги напаѓал удирал и давел, па откако ќе ги усмртел ги силувал.

Бидејќи Бојковски со умисла лишил од живот повеќе лица, согласно член 123 став 3 од Кривичниот законик, му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.