×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Возачот кој го усмрти 33-годишниот Мартин Димитров од Кратово, на судењето кажа дека испил 3-4 чашки ракија, но се чувствувал сигурно да вози

    17.10.2025 12:49 | Сузана Николиќ

    Во Основниот суд во Куманово продолжи судењето против Златко Јовановски од Кратово, кој во алкохолизирана состојба минатата година го усмрти пешакот Мартин Димитров (33) од Кратово.

    Возачот кој го усмрти 33-годишниот Мартин Димитров од Кратово, на судењето кажа дека испил 3-4 чашки ракија, но се чувствувал сигурно да вози

    (Родителите на Мартин, скршени од болка, по завршувањето на рочиштето кажаа дека тој дента после ручекот излегол да трча и повеќе не се вратил дома. Велат дека каква било казна нема да им го врати синот, но сакаат правдата да биде задоволена. Фото: Кумановоњуз)

    Јовановски е обвинет за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот затоа што на 19 јануари 2024 со своето возило удрил во Димитров и му нанел сериозни повреди, од кои почина на 12 март 2024 по 50 дена поминати во болница во Скопје.

    На вчерашното рочиште беше сослушан обвинетиот Јовановски, а завршни зборови дадоа обвинителот и одбраната.

    Јовановски пред судот не призна вина и побара ослободителна пресуда. Тој раскажа како критичното попладне на празникот Богојавление, враќајќи се од Куманово, свратил кај негов пријател во Крива Река. Таму испил 3-4 чашки ракија и по 10-15 минути тргнал кон дома. Додека возел во атарот на селото Живалево го пресретнало возило со долги светла, што го заслепило. Откако се разминале, во темницата забележал силуета, но растојанието било многу мало. Имал време само да сврти налево за да го избегне, но со десниот фар удрил во пешакот. Кога застанал и се вратил, го пронашол повредениот Мартин. Го свртел на грб за подобро да дише и заминал во продавница која била одалечена околу 500 метри за да донесе вода да го освести. Таа била затворена, но имало неколку луѓе на кои не им кажал што се случило. Се вратил сам и повикал брза помош и полиција. При алкотестот му биле утврдени 1,4 промили алкохол во крвта.

    Јовановски тврдеше дека и покрај тоа што испил околу 200 грама алкохол, се чувствувал сигурен да управува со автомобилот, бидејќи 15 години бил професионален таксист и поминал над два милиона километри. Кажа дека досега не направил ниту еден сообраќаен прекршок, но првиот излегол многу фатален и за него и за семејството Димитров, поради што многу жали и се кае.

    Јавниот обвинител во завршните зборови кажа дека сите докази на главната расправа покажале дека обвинетиот го сторил делото, бидејќи возел во алкохолизирана состојба и задоцнил со реакцијата да ја избегне сообраќајната незгода. Во однос на наводите во обвинението дека Мартин имал придонес за несреќата со тоа што се движел покрај десниот раб на коловозот, кажа дека законот предвидува пешакот да се движи по левата страна доколку смета дека е побезбедно за него и за другите учесници во сообраќајот.

    „Ова значи дека движењето на пешакот не е неочекувано за секој возач, па конкретно и за обвинетиот, кој бил свесен дека е под дејство на алкохол, но сепак одлучил да вози, така што ова кривично дело го сторил со умисла“, кажа обвинителот.

    Тој предложи Јовановски да се прогласи за виновен за едно кривично дело, Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и да му се изрече казна која ќе ги постигне целите на казнувањето. Побара при одредувањето на казната како отежнувачка околност да се земе тоа што несреќата има смртни последици и изгубен е еден млад живот, како и да се има предвид дека се високи бројките на кривичните дела од областа на сообраќајот, а олеснителна околност да бидат личните, семејните и материјалните прилики на обвинетиот и фактот дека досега не е водена кривична постапка против него.

    И полномошникот на законскиот застапник смета дека алкохолот е главна причина за несреќата, а Јовановски го посочи како исклучиво виновен за трагедијата на семејството Димитров. Според него, обвинетиот имал доволно простор да го избегне пешакот, а дополнително, наместо веднаш да му помогне, заминал во продавницата и притоа не побарал помош. Тој се сомнева дека таму отишол за да земе пијалак со кој ќе ја намали својата алкохолизираност.

    Наспроти ова, одбраната побара Јовановски да биде ослободен од обвинението и судот да донесе ослободителна пресуда, бидејќи нема докази дека го сторил делото. Беше кажано дека обвинението е неосновано и погрешно, а сообраќајно-техничкото и психијатриското вештачење се неверојатно нестручни, површни, непрофесионални и директно на штета на обвинетиот.

    Неговиот адвокат тврдеше дека одговорноста е на пешакот, кој никако не смеел да се движи по десната страна на коловозот на јавен и неосветлен пат надвор од населено место во ноќни услови и во темна облека. Додаде дека на критичното место немало кривина, бездна или засек, поради што морал да се движи по левата коловозна лента. Според него, и пешаците се должни да ги почитуваат сообраќајните правила, што критичната ноќ не го сторил Мартин. Тој побара поповолна состојба при одлучување на судот, бидејќи Јованов бил заслепен од друго возило од спротивниот правец и поради тоа го забележал пешакот на многу кратко растојание по разминувањето и не можел да го избегне.

    На судењето присуствуваа и родителите на Мартин, кои скршени од болка, по завршувањето на рочиштето ни кажаа дека Мартин, како и секоја година за празниците, се вратил дома од Германија, каде што работел. Дента после ручекот излегол да трча и тврдат дека на себе имал светлосно елече. Каде тоа исчезнало, тие не знаат, а нема ни сведоци кои ќе потврдат што точно се случило таа вечер. Велат дека каква било казна нема да им го врати синот, но сакаат правдата да биде задоволена.

    „Колку и да го осудат тој, пак ќе излезе од затвор. Моето дете никогаш нема да се врати. Ако не го казнат, секој ќе може после неколку ракии да седне да вози. Казната нека биде поука никогаш да не се повтори нешто слично на друго семејство. Со прегазувањето на Мартин, уништени се животите на целата наша фамилија. Мартин беше нашата јатка, беше во Чикаго, во Англија, во Германија. Ние му овозможивме сѐ што можевме да успее во животот, а тој ни го зеде“, велат родителите.