Три месеци доцни платата во ЈП „Пазаришта“, вработените останаа и без здравствено осигурување
На вработените во ЈП „Пазаришта“ платата им доцни три месеци. Наместо да ја добијат августовската плата, тие сè уште ја чекаат јунската. Покрај финансиските проблеми, три месеци немаат ниту здравствено осигурување.
Последната плата, за мај, им била исплатена на 28 јули, а здравствено осигурување имале само два дена. Оттогаш, трошоците за лекување ги покриваат од свој џеб.
„Ние бараме редовно да ни се исплаќа платата за да имаме здравствено осигурување. Дел од повозрасните вработени имаат хронични заболувања, а помладите имаат мали деца, поради што им е потребна континуирана здравствена заштита. Сите до еден од вработените имаат по најмалку два кредити, плус долгови на картички. Што ако некој од вработените нема пари да плати лекување и му се случи најлошото? Кој ќе одговара? Денеска имавме лош пример. Колешка која е алергична ја касна оса. Се испаничивме и не знаевме што да правиме бидејќи нема осигурување. Сама ќе треба да ги плати трошоците во болница, па се организиравме да ѝ помогнеме. Друг колега скрши нога“, прашуваат вработените.
Во претпријатието се вработени 37 лица, а околу 400 закупци на тезги зависат од неговото функционирање. Вработените велат дека поради доцнењето на платите е намален и квалитетот на услугите, што се одразува врз целокупното работење.
„Околу 500 семејства во Куманово се засегнати од работата на ова претпријатие. Сакаме да знаеме што ќе се случува, бидејќи четврти месец сме без плата. Бараме да се изнајде начин за исплата на платите, транспарентност од директорот, основачот – Советот на Општина и градоначалникот, за да знаеме што да очекуваме како вработени и дали постои решение за проблемот. Бараме да бидеме опфатени со програма за работа која ќе ја финансира Општината, како што тоа го добиваат другите јавни претпријатија“, велат вработените.
Директорот Суад Зејнулахи, вели дека платата не е исплатена затоа што претпријатието не може да обезбеди доволно средства. Според него, состојбата не е нова, туку се повторува со години наназад, и тоа и пред тој да биде директор. Најави дека од понеделник ќе биде исплатена јунската плата, а ќе иницира и средба со претставници на Советот и Општината за надминување на проблемите.
„Имаме повеќе расходи од приходи и тоа е најголемиот проблем поради кој не можеме редовно да ги исплаќаме платите. Секој месец ни недостигаат по околу еден милион денари. Тоа се 12 милиони денари на годишно ниво. Општината минатата година ги покри трошоците. Проблемот е во нелојалната конкуренција, неажурноста на комуналната инспекција и превработеноста. Бројот на закупени тезги се намалува затоа што голем дел од продавачите работат со пиљарите, а револтирани се и што пазарот е опколен со диви продавачи. Мора да се надмине тој проблем, но тоа не можеме да го направиме сами, туку со помош на надлежните служби“, вели директорот Зејнулахи.
Претпријатието функционира со блокирана сметка и ограничена финансиска рамка поради долговите што ги има.
Вработените велат дека, додека претпријатието пропаѓа, сè погласни се шпекулациите дека намерно се доведува во лоша состојба за да се приватизира. Тие потсетуваат на ветувањето на градоначалникот пред изборите дека Зелениот пазар нема да се приватизира, туку ќе се инвестира и ќе се изгради нов, современ пазарен центар, по примерот на европските градови.