Вакцинација против грип почнува денеска, набавени 1800 вакцини
Во Центарот за јавно здравје Куманово, денеска започнува вакцинацијата против сезонски грип.

За таа цел набавени се 1800 дози вакцини, за граѓаните од Куманово, Крива Паланка и Кратово.
„Вакцинацијата се препорачува за ризичните групи, лицата над 65 години, особено за хронично болните, со кардиоваскуларни и белодробни заболувања, дијабетес, како и воопшто за лицата со ослабнат имунитет. Се препорачува и за здравствените работници и оние што работат и доѓаат во контакт со повеќе луѓе“, -изјави др. Едита Рамизи, епидемиолог во ЦЈЗ Куманово.
Оваа година набавени се 100 вакцини повеќе во однос на минатата година. Лекарите се надеваат дека ќе има доволно за сите заинтересирани.
Оваа вакцина е незадолжителна и се дава на доброволна база. Таа ги покрива типовите на вируси на грип, кои циркулираат во северната хемисфера, вклучувајќи го европскиот регион и Македонија. Од Министерството за здравство велат дека оваа вакцина е подготвена според препораките од Светската здравствена организација, и штити од два типа на вируси од групата А и еден вирус од групата Б. Производител на вакцината е компанијата Абот од Холандија.
Цената на вакцината е 400 денари.
Вакцинацијата ќе се спроведува секој работен ден од 7 до 15 часот.
Од минатата недела до сега во Куманово се регистрирани 3 случаи на грип.