Западните базари возбудуваат, македонските слави смируваат – психолошка перспектива на двe топлини
Кога се ближат празниците Македонија и западноевропските земји навлегуваат во ист период од годината – но доживувањата се речиси дијаметрално различни.
Во декември, Западот блеска. Се палат светилките, мириса на цимет и секој град наликува на блескава сцена. Божиќните базари претставуваат убавина што се гледа, мирис што се купува и момент што се фотографира.
Кај нас во Македонија, пак, во декември не се палат само светилки. Светат домови. Се подготвуваат слави.
На прв поглед, и во едниот и во другиот контекст се работи за собирање, ритуали и празнична радост. Но ако погледнеме подлабоко, психолошката структура на македонската „слава“ и западниот „божиќен базар“ открива две културни логики – две различни форми на празнична смисла.
И токму тука лежи најголемата психолошка разлика меѓу овие два празнични светови.
1. Базарите ја задоволуваат потребата за припадност во толпата
Психолошки термин: колективна еуфорија
Божиќните базари на Запад функционираат како јавни сцени каде луѓето се дел од голема, анонимна, но радосна толпа. Тоа е класичен пример на колективна еуфорија — емоционално уверување, каде чувствуваме припадност само затоа што сме меѓу други луѓе кои се смеат, шетаат, наздравуваат. Тоа е краткотрајно но силно чувство.
Празник на јавниот простор
Наместо домот, центар е градскиот плоштад. Празникот е демократизиран: секој е добредојден, никој не е обврзан.
Плоштадот ти вели: „Не си сам. Дел си од ова.“
Базарите се лек за урбаната осаменост — барем за еден зимски час.
На божиќен базар во Виена слушнав двајца студенти: „Зошто доаѓаме секоја година?“ „Заради атмосферата. Да се чувствуваме дел од нешто, макар и на кратко.“ Западниот модел гради заедништво преку простор, а не преку роднинска блискост.
2. Славите ја задоволуваат потребата за интимна припадност
Психолошки термин: примарна социјална мрежа
Домашната слава е спротивност на толпата. Тоа е враќање во примарната група — најмалото, но најмоќно јадро што не оформува како личност: семејството, блиските, оние што нè знаат без филтер.
Психологија на ритуалите објаснува дека повторливите семејни традиции создаваат чувство на стабилност и припадност — нешто што во општество со чести промени има огромна емотивна вредност. Семејната слава тоа совршено го активира:лице што те
гушка,глас кој ти е познат,храна што ја носи историјата на домот,разговори што не треба да ги глумиш.
Сето тоа создава нешто што базарот не може — интимна топлина што не се купува, туку се наследува.
3. На базарите се купува момент. На славите се создава спомен.
Психолошки термин: мемориска врзаност (emotional encoding)
Кратките, убави, визуелни моменти на базарот брзо исчезнуваат— убави се, но се површни.
Славите, од друга страна, создаваат силни емоционални врски со спомените: знаеме кој дошол, кој што кажал, како мирисало, што се случило. Мозокот ги кодира овие настани подлабоко затоа што имаат љубов, допир, гласови, заедништво, ритуал.
Тоа е причината што се сеќаваме на славите од детството многу појасно отколку на секој убав базар на светот.
4. Базарите се организирана магија, а славите се природна магија.
Психолошки термин: емоционална автентичност
На базарот магијата е создадена — уредена, дизајнирана, комерцијална. Убавата атмосфера таму нуди радост, но таа радост е поделена на еднаков дел за секого, како производ.
Славата, пак, е автентична — без сценарио, без перфектни лампиони, без маркетинг.
И токму затоа е длабока.
Македонка која живее во Минхен еднаш ми рече:„Прво ми беше убаво што немам обврски за празниците, ама потоа ми недостигаа
токму тие обврски.“ Тоа го објаснува судирот на двете култури: Западот нуди слобода без блискост, Балканот — блискост со обврска. Автентичната топлина секогаш остава подлабоки траги од украсената топлина.
5. Човекот има две потреби: да припаѓа во толпа — и да припаѓа дома.
Божиќните базари го хранат првото. Славите го хранат второто.
Базарите велат: „Сите сме исти — барем за една вечер.“
Славите велат: „Ти си наш. Ти си важен. Ти си дома.“
И токму затоа ни требаат и едните и другите. Толку природно се вклопува мислата на Гете: „На човекот му се потребни и корени и крилја.“ Оваа мисла совршено ја опишува разликата меѓу славата — корени што нè држат, и божиќниот базар — крилја што нè носат. И двете се неопходни за човекот да се чувствува целосно. Базарите за да го разубават светот. Славите за да го разубават срцето. Базарите светат. Славите греат. Едното нè прави насмеани. Другото нè прави живи. И кога ќе го разбереме тоа, ќе разбереме и една проста, човечка вистина.
Секој човек има две психолошки потреби: стимулација – нешто ново што нè буди и сигурност – нешто старо што нè смирува.
И затоа, кога ќе ги споиме – или барем ги препознаеме – сфаќаме дека топлината не е една. Таа има и искра, и жар.
Автор: Јелена Цветковска