Мени

Жителите на Пчиња и Студена Бара за утре најавуваат блокада на „Краста“

05.10.2026 10:54 | Сузана Николиќ

Месните заедници на селата Пчиња и Студена Бара ќе организираат блокада на депонијата Краста.

Жителите на Пчиња и Студена Бара за утре најавуваат блокада на „Краста“

Нивната одлука доаѓа откако надлежните во Општина Куманово не ги исполниле ветувањата дадени на последниот состанок, изнаоѓање на решение за проблемот со опожарувањето на депонијата.

„Ветувањата што ги дадоа надлежните од Општина Куманово и „Чистота и Зеленило“ Куманово не беа исполнети во дадениот рок, па затоа по консултација со нашите сограѓани донесовме едногласна одлука депонијата „Краста“ да биде блокирана“, најавија од месната заедница Пчиња. 

Тие наведуваат дека денеска ќе ги заврши сите законски обврски за одржување на протестот, за да утре, 6 октомври, со почеток во 08:00 часот ќе ја започнат блокадата на депонијата. 

„До кога ќе трае блокадата не е одреден датумот. Очекуваме голема поддршка од жителите на загрозениот реон, но и од останатите луѓе кои се свесни со што се соочуваме ние секој ден“, стои во повикот.

Жителите на Пчиња и околните села, мината недела ги повикаа надлежните да го решат проблемот, и најавија дека доколку нема позитивен исход ќе се организираат на протести и блокади.

Депонијата „Краста“ подолг период гори а претпријатието не може да ја изгасне. Во меѓувреме се расипал и единствениот булдожер со кој сметот се затрпува со земја, што дополнително го усложнило проблемот.