×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Интервју со Дејан Ѓорѓиевски: Идентитетот низ времето можеме да го сочуваме само доколку го заштитиме културното богатство

    28.11.2022 09:06 | Сузана Николиќ

    Кумановскиот регион е богат со вредно културно и природно наследство како што се црквата „Св. Ѓорѓи“ во Нагоричино, црквата во Матејче, праисторискиот локалитет Кокино, Бислимска клисура, термалните бањи, руралните атракции. Но, недостасува сериозна туристичка понуда и промоција, која ќе го смести регионот на балканската туристичка мапа.

    Интервју со Дејан Ѓорѓиевски: Идентитетот низ времето можеме да го сочуваме само доколку го заштитиме културното богатство

    Дејан Ѓорѓиевски, од невладината организација ЛАГ Абер, смета дека државните и локалните институции не вложуваат доволно за да ја зачуваме автентичноста на културно- историското богатство и традицијата, кои денес се најголема „мамка“ за странските туристи.

    Според него, идентитетот на еден народ може да се сочува низ времето само доколку се чува и заштитува културното богатство. Затоа, тој, заедно со Локалната акциска група, преземат чекори за заштита и афимација на културните вредности, во овој случај конкретно за заштита и туристичка промоција на најстарата и автентична брвнара во Умин Дол, донесена на овие простори од Лика пред повеќе од 100 години.

    Со него разговаравме за туристичките потенцијали на кумановскиот регион, можностите и предизвиците за рурален развој, визијата за афирмација на автентичноста и оригиналноста на културните вредности, но и за условеноста од локалните и државни политики.

    Со изработка на видео приказната за куќата стара 100 години, во селото Умин Дол, започнавте една несекојдневна промоција на културното богатство во општината. Што друго предвидува проектот?

    - Приказната за брвнарата од Умин Дол е фасцинантна и на најдобар начин ја покажува човековата решителност да се сочува себе си низ времето. Најмалку што можевме да направиме како локална акциска група, беше да го афирмираме нејзиното значење и важноста за нејзина заштита. Во тоа ни помогна директорката на Музејот од Куманово, Мери Николиќ и поддршката од Агенцијата за остварување на правата на заедниците. Снимивме промотивен документарен филм, направивме веб сајт (https://likatraditionalhouse.com/), поставивме информативна табла пред куќата. Направивме и 3Д снимка која е поставена на Google Maps и на други веб страни, го дигитализиравме оригиналниот план на куќата, а правничката од Кумановскиот музеј, Миљуш – Божурска, даде насоки на кој начин би се вршела понатамошната законска заштита на објектот. Ова се основни, почетни активности за понатамошна промоција и користење на куќата како туристичка дестинација.

    Дали на нашиот регион му недостига туристичка промоција?

    - Не само на нашиот регион, туку и за целата држава, е неопходно подобро искористување на туристичките потенцијали. За време на пандемијата, Хрватска достигна 70% посетеност во споредба со годините пред пандемијата, додека кај нас тоа не беше повеќе од 10%. Ако знаеме дека Асоцијацијата за дојдовен туризам постојано е во конфликт со директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, тогаш е јасно дека сме далеку од добро организиран заеднички настап на светската туристичка мапа. Верувам дека иднината на македонскиот туризам е да биде вклучен во една целосна, балканска туристичка понуда за западните туристи, со акцент на културниот, природниот и гастрономскиот туризам. Дотогаш, наша задача е да ја сочуваме автентичноста на природното и културно наследство и на традицијата и како таква да ја презентираме. Конкретно, за кумановскиот регион, мислам дека и не постои туристичка промоција – се уште немаме туристички инфо центар, ниту пак организиран настап за промоција на некоја од потенцијалните туристички локации. Се разбира, има изготвено стратегии и други документи, но нивната реализација е минорна. Очигледно е дека сите туристи, кои инцидентно ќе ги сретнеме понекогаш во градот, се тука само на поминување.

    Имаме ли што да им покажеме на туристите? Може ли овој регион да даде сериозна понуда која ќе ги привлече туристите?

    - Во регионот на Куманово се наоѓа едно од неколкуте ремек дела на византиската уметност - црквата „Св. Ѓорѓи“ во Нагоричино. Особено ценета е и црквата во Матејче, како и праисторискиот локалитет Кокино. Убавината, културното и природно богатство на Бислимска клисура, заедно со можностите за авантуристички туризам, се почесто се појавуваат како атракции за посета. Бањскиот туризам повторно е актуелизиран преку последните инвестиции. Така да, имаме што да им претставиме на туристите. Но, огромен проблем е непостоењето на туристичката инфраструктура кај скоро сите локации, реална и виртуелна, па затоа тие не може да се прикажат и наметнат како сериозни дестинации. Безбедноста и чистата средина се уште се наметнуваат како прашања, дури и кога сме земја која чека да влезе во ЕУ, што е апсурдно. Сето ова значи дека сме далеку од креирање на сериозна туристичка понуда, и засега се задоволуваме со интегрирање на локациите како дел од некоја поширока туристичка програма, која најчесто резултира без или со малку ноќевања во регионот.

    Имаме ли потенцијал за развој на рурален туризам?

    - Регионот на Куманово е претежно рурален, а и сите атракции се наоѓаат во рурални средини, така што, руралниот туризам е наш најголем туристички потенцијал. Но, и покрај тие предиспозиции, постојат два огромни проблеми. Едниот веќе го лоциравме – тоа е
    непостоењето на туристичка инфраструктура, кој е решлив , но бара време и пари. Другиот е многу потежок за решавање – станува збор за немање на популација во тие средини, преку која би се одвивал руралниот развој. Со друг зборови, ние можеме да донесеме десетици европски проекти за рурален развој со кои ќе се внесат милионски суми за инвестирање, но, немање на стабилна популација преку која ќе се имплементираат, ќе резултира со нивна неодржливост. Мислам дека единствен начин за спас на руралните средини од изумирање во следните децении е , покрај инфраструктурните инвестиции, да се инвестира во субвенции за
    едуцирање млади кадри на кои ќе им се понудат услови за работа и живеење во тие средини.

    Со враќање на образованите млади парови во селските средини може да се зборува за подолгорочна оддржливост на инвестиции во проекти кои се однесуваат на руралниот развој, а со тоа и на руралниот туризам.

    Кои се нашите најголеми адути во туризмот?

     - Културното и природното богатство, гостопримливоста, убавата кујна, но и ниските цени и евтините авио билети, се нашите најголеми адути во туризмот. Но, повторно, потребна е стратегија и свесност за автентичен приказ на овие адути. Како пример за позитивна приказна, ќе наведам една дискусија која се одвиваше по распадот на Југославија. Тогаш, хрватските бизнисмени избираа дали за нивното крајбрежје да нудат елитен туризам преку сочувување на автентичноста или масовен преку глобализирање на понудата. Го избраа првиот и денес се гледа дека го избрале подобриот модел – тој носи намален број на посетители, но поради високите цени, приходот е дури и подобар, а во исто време е полесно и зачувувањето на оригиналниот народен дух. Кај нас немаше никаква дискусија, но тоа што Цеца „рока“ по охридските кафеани, наместо да има староградски песни, зборува дека го бираме полесниот, глобализиран пристап, за сметка на автентичниот. А оние странски туристи, кои доаѓаат поради културното наследство, инсистираат на што поголема автентичност при посетата.

    Што следно планирате да работите и имате ли визија како да го ставите регионот на туристичката мапа?

    - Во зависност од повиците, планираме една поголема кампања за поддршка и регистрација на селските домаќинства, како едни од главните носители на туризмот во ЕУ, но и во Србија. Станува збор за законска форма која дозволува угостителска работа со многу помали бирократски и даночни условувања, и како таква е со извонреден потенцијал. Кај нас, засега, има само две регистрирани домаќинства, кои се профитабилни цело време, иако би можело да има најмалку десет пати повеќе. И се разбира,неопходна е нивна стандардизација и категоризација според европските правилници.

    Се изгуби ли Кокино во бирократските лавиринти и зошто не е интересно за државата?

    - Кокино е само еден од примерите на кои се сеќавам кога погоре во текстот спомнав за нереализирани стратегии. Имено, за негово уредување постоеше Акциски план од Владата и веќе беше започнат процесот на собирање на потребната документација и мислења од надлежните министерства и агенции. Главен проблем беа и останаа приватните парцели, додека државното земјиште е само она кое е заштитено до највисок степен и како такво не може да трпи градежни зафати дури ни од помал тип. Проблемот со приватните парцели може да го реши само државата, но, кај нас, со менување на владите, за жал, се менуваат и стратешките приоритети, луѓето, раководителите... Кога последен пат се обидовме да се распрашаме до каде е стигната реализацијата на Акцискиот план, се покажа дека не може да се пронајдат ни документите за кои знаевме дека се реализирани.

    Што губи државата која не си го штити културното-историското наследство, особено во време кога се негира нашиот идентитет?

    - Во такви услови, државата губи пари, а народот се губи самиот себе. Инвестициите во културното наследство сигурно може само да придонесат за поголема посетеност на локациите, а да не зборуваме дека тоа е и уставна должност на државата. Од друга страна, во
    последно време, покрај спортот и политиката, сите станавме експерти и за националниот идентитет. А оваа проблематика долго време е третирана во антропологијата, каде што, националниот идентитет, најчесто се дефинира како ЧУВСТВО (sense) за заедничка припадност и поврзаност, втемелено на заеднички јазик, традиција, историја и култура. Ако е чувство, тогаш ниту една негација, документ или слично не може да го отстрани – може да го забрани, но не може да направи да исчезне. Ние ќе го имаме тој национален идентитет, се додека се чувствуваме како заедница. На пример, југословенскиот идентитет постоел се додека конституентите на тој идентитет се чувствувале како заедница. Слично како и со едно друго човечко чувство кое сите го имаме – а тоа е љубовта, времето може да биде најголемиот непријател или сојузник. Љубовта со времето станува посилна или исчезнува, но, главно, тоа зависи од нас самите. Исто е и со идентитетот. Ако не се делиме по ниту една основа, а сме свесни за важноста од заедничкото минато, времето не ни може ништо. Но, мислам дека поделбите во општетството, кои сами си ги направивме, без помош на Грците и Бугарите, најсилно удираат по дефинициите за националниот идентитет. А апетитот за самоуништување е позната патологија за македонскиот народ низ вековите.

     

    2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk