×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ФРОНТ

    Милош Стаменковиќ

    Пред неколку дена сретнав пријател, кој го немам видено долго време. Го прашав што се случува со него. Ми рече дека работи како стражар во музејот, со завршен Филолошки факултет. Што можев да одговорам, освен, дека е среќен човек што не завршил нуклеарна физика, ќе морал да работи како шофер во општината. Немав доблест да го советувам да продаде нива, да купи диплома, да стане член во една од двете политички организации. Тогаш прашање на времето е кога ќе стане пратеник, советник или градоначалник.

    Всушност, знаев дека нема да ми верува. Ќе мисли дека се шегувам. Но, дали е шега? Секадe околу нас се случуваат парадокси што ги сметаме за нормалност. На пример, парадокс на професорот по физичко од Струмица, кој станува директор на театар, со диплома за учество на локална прасијада и маскенбал со композициј „Рамзес втори и Нефертита со нејзината свита“. Тоа се неговите референци за делување на полето на културата.

    Неколкумина револтирани граѓани од оваа одлука на власта, излегоа на демонстрации. Добија одговор, лично од премиерот на Нашата земја, дека се работи за суета, бидејќи некој друг не го добил тоа место. Понекогаш, и нашиот премиер, на Нашата земја, на чист литературен Наш јазик, е во право. Револтот е во тоа што некој друг не е на место директор на Театарот во Струмица. Но, притоа никој нема да рече дека тој друг е режисер, глумец, културен работник со стаж од 30 години. Дека тој друг е автор на двесетина монографии од областа на културата. Дека другиот има реставрирано неколку средновековни цркви и организирано безброј изложби на уметнички слики и икони. Дека тој е целосно компетентен за тоа место. Спротивно на секоја нормалност, директорот е поставен со искуство на Прасијада. Вистина, за тоа има легален сертификат, дури и благодарница, со потпис и печат.

    И единствен одговор е дека е се по законите.

    СДСМ и Зоран Заев бргу заборавија дека е оваа омилениот одговор на Гордана Јанкуловска на секое новинарско прашање. Се е по законот.

    Но, не е проблем што и оваа власт стана бледа копија на претходната. Проблемот е зошто овој народ молчи?

    Единствен одговор кој можам да го разберам е дека секој од нас молчи, бидејќи си го поставува прашањето: „Што можам јас да променам?“

    Што можеме? Исто се прашувал и еден Влав, роден во Белград, по потекло од Македонија, Константин Коча Поповиќ. Тој живеел удобен живот како син на богат индустријалец, но со сите удобности, започнал борба за подобра иднина на општеството. Поповиќ, со многу други европски интелектуалци, во 1937 година заминува во Шпанија во борба против генералот Франко, кој со помош на Третиот рајх и фашистичка Италија пробал да преземе власт. Како поручник на Шпанската републиканска армија, во 1941 година се бори со партизаните во Југославија. Поповиќ е првиот командант на Прва пролетерска ударна бригада. Во новата социјалистичка држава, генералот Коча Поповиќ е долги години првиот човек на дипломатија и потпретседател на СФРЈ.

    Во неговото последно интервју, во времето на распадот на југословенската федерација, на прашањето на новинарот: „Што треба да направиме?, Коча Поповиќ одговорил: „ Не знам за Вас, можам да ви речам што јас би направил. Кога мислам дека е лоша состојбата, јас се борам.“

    Колку треба да го допреме дното за да се бориме? Која е точката која не можеме да ја поминеме како поединци и како општество? Што треба да се случи за да ја извадиме кубурата од гаќи?

    Очигледно, промената на името на државата е неважна работа. Загаденост на воздухот е само статус на социјалните мрежи. Неспособни функционери се нормална парадигма на успехот. Баграта станува пример на младите. И се тоа поминува без борба. До кога ќе молчиме? Ќе дојде ли моментот да излеземе на прва линија на ФРОНТОТ и еднаш да решиме дека е доста со криминал, лаги и безобразие. За тоа е единствено потребно да се организираме. И да се бориме.

    Што може да се случи ако се организираат само 12 луѓе, со јасна цел и идеја? Може да се случи Куба. Примерот на Кубанската револуција не е бајка од минатото. Од Мексико, на брегот на Куба, во 1958 година, пристигнале 12 луѓе. Единаесет Кубанци и еден доктор Аргентинец. За година дена влегле во Хавана. За 365 дена го срушиле режимот на диктаторот Батиста. Ако продолжиме да молчиме, ќе се будиме во ноќта за да ги видиме саканите на скајп, поради временската разлика.

    Ако се бориме, можеме да се надеваме на подобра иднина за нашите деца.

    Единствено со борба, може да се надеваме дека ќе дојде време кога песната на Ѓорѓе Балашевиќ, „Дно дна“ нема повеќе да биде хируршки прецизен опис на нашето општество.

    Милош Стаменковиќ Милош Стаменковиќ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*