Смртноста на предвреме родените бебиња намалена од 26 на 8 отсто

17.11.2021 11:11 | Сузана Николиќ

Од 2016 до 2021 година смртноста кај предвреме родените бебиња е намалена од 26 на 8 отсто со тенденција овој процент и понатаму да паѓа, вели Министерството за здравство во чест на денот на предвреме родените бебиња. 

Смртноста на предвреме родените бебиња намалена од 26 на 8 отсто

 Според министерството на тоа влијае постојаното унапредување на условите и модернизација на Клиниката за гинекологија и акушерство и континуираната обука и унапредување на персоналот.

„Во изминатиот период набавивме 15 модерни инкубатори, нешто што недостасуваше на Клиниката но и низа други апарати и опрема, како микроскопи, системи за деминерализација, респираторни машини, подвижни протокомери за кислород и друга опрема. Оваа опрема беше нужна да се понуди најдобрата услуга, а со тоа и да се спасат што е можно повеќе млади животи. Денес ГАК располага со врвна апаратура, знаење и мотивиран персонал кој работи по светски стандарди“, велат од Министерството.

На денот на предвреме новородените деца, министерството порачува дека превенцијата, навремените прегледи и грижата за сопственото здравје на трудниците се клучот за стабилна бременост и зачувување на здравјето на бебињата. Министерството ќе продолжи да вложува и да го унапредува одделот за Гинекологија и акушерство со цел врвна услуга, многу спасени млади животи и европски стандарди во македонското здравство.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk