×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Fiore

    Тетовирањето e посебна форма на уметност, вели единствената тату мајсторка од Куманово Андријана Тасевска

    03.04.2023 09:17 | Оливера Пешевска

    Дваесет и тригодишната Андријана Тасевска е единствената тату-мајсторка во Куманово, која веќе пет години успешно работи и зад себе има солидно искуство и безброј изработени тетоважи.

    Тетовирањето e посебна форма на уметност, вели единствената тату мајсторка од Куманово Андријана Тасевска

    Нејзиниот занает можеби е малку контраверзен начин на изразување на креативноста, кој не е толку прифатлив за повозрасните, но е омилен кај младите генерации. Таа вели дека иглата за тетовирање и боите и влегле „ под кожа“ и не може да замисли да работи нешто друго. Така, смета дека е „обележена“ за цел живот.

    „Многу ме исполнува работата, па не ја ни чувствувам како работна обврска, тоа за мене е целосно задоволство и потполна забава. Би сакала со ова да се занимавам засекогаш, не би ја менувала оваа професија никогаш. Мислам дека нема да престане трендот на тетовирање, дури е можно и да расте. Генерациите што сега стасуваат покажуваат се поголема и поголема заинтересираност. Веќе тетовирањето не е табу тема и мислам дека ќе трае“, вели Андријана.

    Taa веќе две години работи  во своето студио „Д Блок Тату“, изработува слики на кожа на главно млади, познати и непознати луѓе во градот. Започнала уште како средношколка, кога ја регрутирал искусен мајстор кој ги видел нејзините цртежи на социјалните мрежи и го воочил талентот. Секако патот не бил лесен и во почетокот имала трема да „работи“, бидејќи луѓето ги обележува за цел живот.

    „Имав ужасна трема додека ги правев првите 10 тетоважи. На почетокот работев со близок, мој круг на луѓе и мислев дека ако пред нив не се опуштам пред никого нема да сум релаксирана. Кога тие решија да ми ја дадат нивната доверба се градеше и мојата самодоверба“, истакнува Тасевска.

    Од малечка покажувала талент за цртање, нејзините татко и чичко убаво цртаат, но не знае од каде го наследиле генот. Тие не се занимаваат со ниедна форма на уметност, а таа е првата што работи креативно со некој вид на практична уметност. По средното училиште се запишала на отсекот за италијански јазик на Филолошкиот факултет. Не се ни обидела да се запише на Ликовната академија, иако вели не е исклучено дека ќе се обиде да се образува и во тој правец.  Тетовирањето за неа е безбедно затоа што сите материјали се за еднократна употреба. Иглите и боите се користат само кај еден клиент, се е стерилно, хигиенски и санитарно чисто и нема место за никаква загриженост. Досега има учествувано на два натпревари во Романија и во Словенија каде освоила трето место за мала тетоважа во боја.

    „Има повеќе од 20 натпреварувачки категории. Фестивалот во Романија, кој се одржуваше минатата недела, траеше 3 дена, секој ден по 7-8 категории. Јас досега имам настапувано во 4 категории-картун (цртани филмови), мала тетоважа црно-бела, мала во боја и мала со водени бои. Последната е најинтересна, конечниот изглед е како со водени бои, побледи, понежни, како сликарска техника акварел каде се прелеваат потемните и посветлите бои и нијанси. Исто како со четка да се работи, така треба да изгледа и таа техника е потешка за работа“, објаснува Тасевска.

    Иако тетовирањето се уште е смета за претежно машка професија, Андријана не се соочила со родова дискриминација, но и се има случувано клиентите да се „пишманат“ заради годините, сметајќи дека е млада, неискусна, па се сомневаат дека добро ќе ја заврши работата. Но тоа е веќе минато, а клиентите секогаш се задоволни од конечниот резултат. Едноставно не им се верува дека има петгодишно искуство, а толку малку години.

    „Од сопствено искуство можам да кажам дека машките клиенти се поосетливи и поплашливи, додека жените се појаки, поотпорни на стрес и главно бираат многу визуелно поубави, пошарени, поелегантни и покреативни цртежи. Се случува клиент да се онесвести, но не се случило да не се заврши тетоважата. Само една девојка кога требаше да почнеме со работа стана од столчето и рече дека не може да го направи тоа“, вели Андријана.

    Додека се работи еден цртеж , вели дека и се оставруваат лични контакти, а процесот кој трае барем половина час остава простор да се отворат многу теми.

    „Ние сме како психолошко советувалиште, „исповедница“, кога ќе седнат луѓето се отвораат и си кажуваат многу работи, си ги кажуваат маките. Знаат и да се исплачат, понекогаш навраќаат и да ни се пофалат со нешто ново, убаво што им се има случено.Или да ми пријдат кога ќе излезам некаде да си помуабетиме. Досега сите мои клиенти се задоволни од резултатите и не покажуваат дека се кајат за направената тетоважа“, посочува младата тату мајсторка.

    Според неа, неодобрување на тетовирањето има кај поконзервативните луѓе, но за негова популаризација најмногу придонесуваат познатите личности - актери, музичари и спортисти, кои се идоли на младите.

    „Постарите луѓе тешко ги прифаќаат промените и знаат да искоментираат во стилот - добро што сте се направиле, не ли ве боли ? Додека кај помладите до триестгодишна возраст ретко кој не е тетовиран“, вели Тасевска.

    Стереотипите за тоа дека тетовираните луѓе се деликвенти и отпадници од општеството ги руши со сопствен пример, таа води активен, спортски живот и редовно тренира пилатес. Во минатото се занимавала со атлетика, во дисциплините скок во височина и скок во далечина.

    „Тренирав 11 години атлетика во АК „Куманово“, а сега одам на пилатес. При изборот на високото образование, имав повеќе опции од кои една беше и физичка култура како активен спортист. Имам освоено многу награди на локални, регионални и државни натпревари“, се потсетува Тасевска.

    Во слободно време сака да чита, најчесто белетристика на англиски и италијански јазик , сака да гледа серии, филмови и сака да излегува како и сите млади.