Мурал на Вања Лазарова во Кратово

24.11.2021 14:11 | Жаклина Цветковска

Голем мурал со ликот на неприкосновената интерпретаторка на македонската изворната песна Вања Лазарова е насликан во Кратово, кое се збогати со уште еден симбол карактеристичен за кратовската традиција и народното наследство.

Мурал на Вања Лазарова во Кратово

Вања Лазарова потекнува од кратовското село Страцин, а муралот е направен во рамки на проектот „Градиме култура, сликаме култура – мурали за 30 години независност на Македонија“.

Одбележувањето на ликот и делото на Вања Лазарова, синоним на македонската изворна песна и негувателка на фолклорот, се претставени преку илустрација на нејзин портрет во комбинација со локални симболи значајни за градот Кратово, односно со кратовската кула како еден од највпечатливите симболи на градот.

Муралот е дело на Ненад Тонкин од Скопје, магистер по ликовни уметности, а насликан е на фасада од приватен објект во центарот на Кратово.

Во проектот „Градиме култура, сликаме култура-мурали за 30 години независност“ се вклучени повеќе ликовни уметници, кои на различни локации и во различни градови во Македонија насликаа мурали со личности и настани кои имаат значаен придонес во развојот на културата и историјата на Македонија.

Покрај Кратово, мурали се направени и во Велес, Кавадарци, Струга, Крива Паланка и Богданци.

Носител на проектот е „Фрагмент Комуникации“, извршител задолжен за спроведување на уметничката и креативна содржина е „Студио КР7“, а се реализира со поддршка на македонската влада.

Лазарова, доајен на македонската народна музика, почина во 2017 година на 86-годишна возраст.

„Со маки сум се родила“, „Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, се само дел од стотината македонски изворни народни песни што ги испеа Лазарова, чиј впечатлив глас е дел од македонското музичко наследство. Најголем дел од песните се снимени во продукцијата на МРТ. Родена на 27 април, 1930 во кратовско Страцин, има работено во Операта при МНТ, била член на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“ и настапила на голем број концерти низ светот. Пеела во „Ројал Алберт хол“ во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Таа е прва македонска пејачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи „Полиграм“ и „Филипс“.

 

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk