×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Fiore

    Илина Арсовска освои бронзен медал на престижен натпревар по математика

    04.01.2023 15:00 | Оливера Пешевска

    Деветоодделенката Илина Арсовска од ООУ „Кочо Рацин“ Куманово освои трето место и бронзен медал во категоријата јуниори на Меморијалниот натпревар по математика Александар Блажевски - Цане, кој се одржува на Природно-математичкиот факултет во Скопје. 

    Илина Арсовска освои бронзен медал на престижен натпревар по математика

    Станува збор за реномиран натпревар од олимписки карактер, кој го организира Сојузот на математичари на Македонија, а учествуваат најдобро рангираните ученици и победници од Јуниорска македонска математичка олимпијада(ЈММО). Најдобрите се стекнуваат со квалификации за учество на Европската женска математичка олимпијада.

    „Јас неколку години по ред учествувам на овие натпреварувања, кои првин започнуваат со општински, па регионални, потоа државни и на крај математичката олимпијада. Се решаваат задачи од 6,7,8 и 9 одделение и дополнително од прва година средно гимназиско образование за учесниците во јуниорска конкуренција. Сметам дека не е проблем и веќе го имам совладано и средношколскиот материјал. Дополнително и секоја година посетувам Есенска математичка школа во Скопје, се работи за саботни часови, 5 недели по ред по 4 часа, каде учиме по понапредна програма. И таму стекнувам многу знаење“, вели Илина.

     Таа годинава се пријавила и на натпревари по физика, кој се состои од хемија, биологија и физика, по математика, но дополнително и по програмирање. На сите полиња со години ниже успеси, добива награди и пофалници по многу предмети, но најистакнати успеси  постигнува по природните науки и посебно по математика.

     „За мене е огромна чест и задоволство да работам со Илина и горда сум на секој нејзин успех. Покрај талентот за математика, таа е сестрана личност исполнета во секој поглед и на секое поле, одговара на секоја поставена задача и на секој предизвик по било кој предмет или во некоја воннаставна активност“, вели гордо нејзината менторка, Марина Величковска, професорка по математика во училиштето „Кочо Рацин“.

    Квалификацијата учество на европското натпреварување, Илина поради возраста не може да ја искористи и ќе мора да почека до наредната година.

     „Се јави проблем затоа што Илина има помалку од 15 години и нема право на учество, но веќе до крајот на годината ќе може да настапи и на меѓународна сцена“, додава професорката Величковска.

    Илина покрај забележителните успеси по природни науки активно учествува и на прозни литературни натпревари, каде исто така е наградувана, потоа има пофалници и дипломи за изработка на маски и учество на училишни маскенбали од Куманово и Пробиштип, учествувала на мултимедијален конкурс со дигитално видео каде исто така има освоено прво место. Таа планира средното образование да го продолжи во Куманово.

    „Не сакам да се запишам на Математичката гимназија во Скопје, затоа што не сакам да губам премногу време во патување. Јас сакам и да се дружам со другарите, тренирам кошарка, да излегувам, да читам книги и сметам дека ќе добијам одлично образование и во нашата гимназија, а ќе имам повеќе слободно време за сите воншколски активности“, одлучна е нашата соговорничка.

    Илина потекнува од семејство каде се негуваат природните науки, мајка и е магистер по математички науки, а татко и машински инжинер. Но, покрај вродениот талент таа несомнено вложува голем труд и вежбање за постигнување на досегашните успеси, кои како што и саматa вели,  нема да застанат тука, а за кои родителите и наставнците веруваат дека ќе продолжат и понатаму.