Мени

МКК Куманово в недела го пречекува Работнички, последен натпревар на домашен терен оваа сезона

25.04.2026 08:05 | KumanovoNews

Кошаркарите на МКК Куманово в недела од 18 часот на домашен терен ќе го пречекаат Работнички во натпревар од плеј-аут лигата, во дуел што не носи резултатско значење, но сигурно е дополнителен мотив за кумановци.

МКК Куманово в недела го пречекува Работнички, последен натпревар на домашен терен оваа сезона

Токму Работнички во последното коло од регуларниот дел ги урна надежите за „суперлигашка пролет“, откако во последниот дуел славеа со 76:72. Тој пораз го оттурна МКК Куманово од местата што водеа во Супер-лига, па неделниот меч веројатно носи и желба за реванш.

Кумановци, сепак, во овој натпревар влегуваат во подобро расположение, откако во последните две кола врзаа победи. Најпрво славеа на гости кај Чаир 2030 со 91:83, а потоа убедливо го совладаа Ангели со 96:77, со што направија важен чекор кон мирен финиш на сезоната во плеј-аут конкуренцијата.

И Работнички има свои сметки во овој дел од првенството. Скопскиот состав минатиот викенд загуби по продолжение на гостувањето кај Гостивар со 75:70, но потоа се врати со победа над Чаир 2030 од 94:83, па во Куманово доаѓа со намера да го продолжи добриот ритам во финишот од сезоната.

Првиот сезонски дуел меѓу овие две екипи заврши со победа на МКК Куманово од 82:77, што значи дека и двата тима веќе имаат по една победа во меѓусебните пресметки сезонава. Затоа и неделниот натпревар се очекува да донесе уште една неизвесна битка, овојпат во Плеј-аут дел од првенството, што е невообичаена слика за два тима кои низ годините редовно беа дел од битката за врвот.