Рибарите на „Пчиња“ освоија прво место на Државниот куп „Рибарче 2026“
Екипата на ЗСРРК „Пчиња“ повторно се закити со прво место на Државниот куп „Рибарче 2026“, кој на 23 август, се одржа на Крушевското Езеро во организација на Македонската риболовна федерација.
Во категоријата У-15, кумановската екипа беше најуспешна во конкуренција на осум екипи, освојувајќи го првото место екипно, како и прво и второ место во поединечната конкуренција.
Најуспешен поединец на патеката беше Кристијан Додевски, кој го освои првото место, втор беше неговиот клупски колега Алек Марковиќ. Трет член на екипата беше Лазар Пауновиќ.
Младите риболовци на ЗСРРК „Пчиња“ за три часа успеаја да уловат вкупно 10,205 килограми риба, во натпреварување кое, според организаторите, било исклучително изедначено.
Екипата ја водеа тренерите и менторите Игор Јосифовски, Звонко Лазаревски, Сашо Додевски, Милан Марковиќ и Драган Додевски.

Од ЗСРРК „Пчиња“ велат дека овој успех е уште еден поттик за продолжување на работата со најмладите членови и нивно понатамошно развивање во спортскиот риболов.
„За оваа година толку – сè што можеше да се освои, се освои. Догодина уште посилно!“, порачаа од клубот, испраќајќи поздрав од државните прваци и победниците на Купот „Рибарче 2026“.