×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Бруно Ивановски од Куманово најдобар во државата и втор во светот на литературен конкурс на Светскиот поштенски сојуз

    10.10.2021 07:20 | Сузана Николиќ

    Писмото на Бруно Ивановски, ученик во ООУ „Крсте Мисирков“ од Куманово е избрано за најубаво во државата и второ во светот, на Меѓународен литературен конкурс на Светскиот поштенски сојуз на тема „Напиши писмо до член од твоето семејство со искуството со ковид-19“.

    Бруно Ивановски од Куманово најдобар во државата и втор во светот на литературен конкурс на Светскиот поштенски сојуз

    Деветооделенецот Бруно писмото го пишува на своите баба и дедо, кои не ги видел една година и со многу емоции им раскажува како тој го доживеал страшниот вирус, кој го затворил училиштето и го отргнал од другарите и неговата безгрижност. Дополнителен страв и грижа за него и неговото семејство предизвикало сознанието дека неговиот татко се заразил со ковид-19.

    „Бабо, јас навистина чувствувам страв. Три - четири месеци се мачам, но морам да бидам искрен и да ти откријам една тајна, колку и да звучи страшно. Не сакавме да те вознемириме, но тато се избори со вирусот. Сега, кога помина можам да ти раскажам, убеден дека спокојно ќе ја примиш веста. Да, бабо, тато наш, твојот син. Голем како карпа, силен како лав. Лежи во собата со треска. Стуткан на креветот, мислиш смален. Не личи на него. Најсилниот, зарем е можно да потклекне? Седев во мојата соба и тагував, бабо. Тагував за неизвесноста што ли не очекува, што ќе се случи со тато. Пробував да се смирам со играчките на комpјутер, но залудно. Моето срце чукаше толку силно при самата помисла дека вирусот е тука, во нашиот дом. Додека владееше ноќната тишина, ги слушав чекорите на мама. Сигурно ја мери температурата на тато. Се молев за тато, за мене, за брат ми, сестра ми, но и за мама. Таа не гледа нас кога сме болни, а сега и тато го негува како мало дете. Беспомошен е, блед, со вкочанет поглед. Ме плаши помислата дека ќе го задржат во болница. Но, моите молитви се посилни од ковид. Сончевото утро во ноември, ми навести добра вест. Тато доби уредни резултати и малку по малку започна да му се враќа свежината. Оттогаш до денес повремено се жали на задишаност. Нe грижи се бабо. Тој редовно прави лекрски прегледи. Јас да ти кажам, сега се грижам за вас. Не можам да ве видам, да ве гушнам и да ги јадам твоите најубави и најмиризливи кифли со фил од јаболко“, напишал во писмото внукот Бруно.

     Бруно, родителите, менторката Сузана Цветковиќ и наставниците во училиштето се пресреќни за првото и второ место, големиот успех и светското признание.

    „За мене оваа награда е од многу големо значење, бидејќи во светот е промовирано името на моето училиште, мојот град и татковината“, кажа Бруно, кој е одличен ученик со уште многу награди и признанија од различни предмети.

    Честитки за престижните награди на меѓународно и национално ниво му посакаа и од училиштето.

    „Бруно, нека секој ден во животот ти биде исполнет со радост и среќа иста онаква како што ти ни донесе денеска. Нека се множат наградите“, порачаа од училиштето.

    Меѓународниот литературен конкурс, по повод 9-ти Октомври - Светскиот ден на поштите го реализираше Пошта на Северна Македонија, во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија. Целта е да се поттикнат учениците да пишуваат писма кои ќе ги праќаат по пошта, наместо електронски.

    По тој повод генералниот директор Јани Макрадули ги прими наградените ученици, им додели дипломи, посакувајќи им понатамошен успех во нивното образование.

    Покрај Бруно, во Македонија за своите литературни творби нагрaдени се и Стефан Петровски – ООУ Панко Брашнаров, Велес, Арлинда Рамадани, ООУ Фан Ноли, Требош, Тетово.

    Победник на Меѓународниот конкурс за пишување писма е 14-годишната Нубајша Ислам од Силхет, Бангладеш. Таа го доби првото место за своето писмо до нејзината мала сестра, пишувајќи за тешкотиите со кои се соочило нејзиното семејство за време на пандемијата ковид-19.

    Комисијата ја пофали и литературната творба на Дарија Трендафиловска, ООУ „Магдалена Антова“, Куманово.