Ќе се распределува земјоделското земјиште
Министерството за земјоделство распиша конкурс за распределба на земјоделско земјиште кој ќе трае до 16 јуни.

На територија на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане има над 1500 хектари земјиште кое треба да се додели под закуп. Право да конкурираат имаат фирми, земјоделци регистрирани во ПИОМ или во Централен регистар, но и странски инвеститори кои регистрирале фирми во Македонија.
За едногодишни култури земјиштето ќе биде доделено на користење за наредните 15 години, за овошни насади има рок на користење од 30 години, а за маслодајни култури земјиштето им се дава на 50 години да го работат. За земјиште од прва до четврта класа по хектар се плаќа закуп од 25 евра, а за земјиште од петта класа почетна цена по хектар е 15 евра - објаснува Насер Даути, началник на подрачна единица на Министерството за земјоделство во Куманово.
Заинтересираните граѓани подетални информации за постапката можат да добијат на страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.