Мени

„Чест е да се добие награда што го носи името на човекот што лично го познавав“, рече Игор Џамбазов на доделувањето на признанието „Васил Иљоски“ на Денови на комедија

24.09.2026 12:14 | Сузана Николиќ

Лауреатот на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата 2026“ во Куманово, актерот Игор Џамбазов, синоќа ја прими наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарската уметност во областа на комедијата.

„Чест е да се добие награда што го носи името на човекот што лично го познавав“, рече Игор Џамбазов на доделувањето на признанието „Васил Иљоски“ на Денови на комедија

Заблагодарувајќи се за признанието, тој истакна дека е чест да се добие награда што го носи името на човекот што лично го познавал и притоа бил добар другар на дедо му Петре Прличков.

„Васил Иљоски и дедо ми Петре беа големи другари, седеа во Клубот на уметниците во Скопје и бев присутен на една од нивните последни средби. За жал, двајцата нè напуштија во две недели, за само 15 дена си заминаа во 1995 година. Имам прекрасни спомени за тој човек и пресреќен сум што можам да кажам дека како петгодишно дете играв едно од децата на свадбата на „Чорбаџи Теодос“, а како веќе оформен актер го играв Бошко во Драмскиот театар во Скопје, некаде по Втората светска војна, пред 40 години“, се пошегува Игор во обраќањето откако ја прими наградата.

Тој додаде дека дедо му Петре знаел да каже дека штом ќе ти дадат награда за животно дело, значи дека си готов, но тој најави дека откако ќе се пензионира, ќе продолжи активно со својата работа.

„Само јас сè уште не се давам, другата година ќе одам во пензија и веројатно ќе бидам најактивниот пензионер во Македонија. Сè уште сум активен, сè уште ме држат нозете, сè уште ги сакам кумановци и знам дека и тие ме сакаат мене. Нема да ја пропуштам оваа прилика да кажам дека сум играл со сите големи кумановски актери, Илија Струмениковски, Драгиша Димитриевски Шипе, Живко Пешевски, Љубица Гојковиќ, Сашко Коцев, Тони Михајловски“, кажа Џамбазов.

Тој средствата од наградата ќе ги донира за помош на девојче од Куманово кое има здравствени проблеми и треба да замине на лекување во странство.

Признанието „Васил Иљовски“ за особен придонес во театарската уметност годинава му е доделено на Игор Џамбазов, како на истакнат актер, писател, музичар и еден од најпрепознатливите театарски уметници на македонската сцена.

„Неговата исклучителна актерска дарба, неповторливиот хумор и повеќедеценискиот придонес во театарската и културната уметност оставија неизбришлива трага кај публиката и заслужено го вбројуваат меѓу најголемите имиња на македонската комедија“, беше соопштено од фестивалот.

И оваа година на затворањето на фестивалот ќе бидат доделени награди во повеќе категории – за најдобар актер, актерка, претстава, режија, сценографија и костимографија, како и награда за најмлад актер. За наградите ќе одлучува стручно жири, а во конкуренција се 10 претстави од земјава и странство.