Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Двеипол годишниот Хамза Дибрани од Куманово боледува од детска парализа. Детето не може да се лекува, бидејќи неговите родители немаат пари да ги купат потребните лекови, ниту секој месец да го носат на контрола кај невролог и педијатар во Скопје.
Сакаме да го лекуваме, ама немаме пари. Го водам на контрола на неколку месеци откако ќе соберам некој денар. Жал ми е да го гледам така неподвижно и беспомошно, но немам што да правам. Одам питачам по куќите и собирам по контејнерите ама тоа не е доволно - вели Агрон Дибрани, татко на детето.
Тешка сиромаштијата се надвила над домот на ова семејство. Во една собичка, што им ја отстапил нивен роднина живеат без вода и струја. Детето и родителите спијат на под, бидејќи немаат ниту еден кревет во куќата. Единствениот мебел им е еден плакар и шпоретот на дрва што го собрале на неке ѓубриште. Свеќата е единствениот извор на светлина, но понекогаш и таа е луксуз за ова семејство.
Живееме со парализирано дете многу мизерно. Немаме пари за скапите лекови, памперси, а некогаш ни храна. Сите се радуваа за Нова година, ама за нас беше тешко. Си легнуваме гладни, со желба дека оваа година ќе најдам некоја работа и ќе му помогнам на детето и семејството - вели Дибрани.
Помошта што ги добиваат од Центарот за социјални работи не е доволна за да ги задоволат основните потреби.
Несреќата никогогаш не оди сама, па ова семејство пред девет месеци го изгубило второто дете, кое имало само 43 дена. Се плашат истото да не се случи и со Хамза и затоа бараат од хумените луѓе да им помогнат да се справат со суровиот живот.