Емил Цветанов e избран за претседател на Велосипедската федерација на Македонија
Емил Цветанов, претседател на велосипедскиот клуб „Крос сајклинг“ од Куманово, е нов претседател на Велосипедската федерација на Македонија.
Тој добил едногласна поддршка за функцијата од сите претставници на клубовите, на вонредно собрание на Велосипедската федерацијата, кое се одржало во Скопје.
Во своето обраќање до клубовите, тренерите, судиите и спортистите, Цветанов истакна дека мандатот го прифаќа со голема одговорност, потенцирајќи дека Федерацијата треба да биде „заеднички дом на сите што живеат за овој спорт“.
„Новото раководство, ќе стави акцент на професионализација и транспарентност во работењето, со јасни процедури за носење одлуки и редовна, двонасочна комуникација со клубовите. Федерацијата мора да функционира предвидливо и навремено, со што ќе се создаде доверба и стабилност во системот“, изјави Цветанов.
Една од клучните точки во програмата е и подигнување на квалитетот на организацијата на трките. Новиот претседател најави јасно дефинирани стандарди, без импровизации, при што Федерацијата ќе има улога на партнер и координатор, со цел натпреварите да бидат безбедни, квалитетни и достојни за спортистите.
Посебно внимание ќе се посвети и на навремено планирање на календарот на натпревари, за клубовите и велосипедистите однапред да можат правилно да ги планираат подготовките и сезоната. Ад-хок решенијата, како што беше нагласено, повеќе нема да бидат правило, туку исклучок. Во наредниот период се најавува и донесување и унапредување на правилниците, усогласени со меѓународните стандарди, со цел создавање сигурност и фер услови за сите учесници во спортот.
„Честитки до новоизбраниот претседател Емил Цветанов, со верба за успешна и плодна соработка и нови заеднички успеси во велосипедскиот спорт“, упати и Велосипедската федерација.
Цветанов како истакнат велосипедист го води велосипедскиот клубот „Крос сајклинг“, кој е еден од помладите клубови, но по резултатите кои ги постигнува се мери со најспешните во земјата .
Цветанов доаѓа на местото на Иванчо Тошевски.