„Сакатиот од Инишман“ – нова премиера на Кумановскиот театар
„Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона, во режија на Јане Спасиќ, е новата претстава на Кумановскиот театар.
Премиерата ќе биде изведена утре/18 декември/, со почеток во 20 часот, на малата сцена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Актерката Кети Дончевска Илиќ истакна дека дејствието се одвива на мал остров во Ирска, каде што останала мала заедница на луѓе кои меѓусебно функционираат на необичен и суров начин.
„Две тетки кои останале сами во животот стануваат старателки на сакатиот Били – момче кое родителите го напуштиле поради неговиот физички хендикеп. Во претставата играат девет ликови, кои повремено ги менуваат своите улоги со ликови што не се појавуваат на сцена. Ова е претстава за навистина чудни луѓе, исклучително слободни, особено во говорот. И покрај суровоста што ја искажуваат, на крајот се открива дека станува збор за многу чувствителни личности, кои поради тежината на животот и околината се однесуваат така, но во суштина носат длабока емоција, сочувство и емпатија“, изјави Дончевска – Илиќ на денешната прес-конференција.
Улогата на Били ја толкува актерот Жарко Јовановиќ, додека Никица Јанковски го игра ликот на Бартли.
„‘Сакатиот од Инишман’ е приказна за луѓето на маргините, за желбата да се биде виден и прифатен. Преку Били ја следиме тивката и болна надеж за подобар свет, додека ликот на Бартли, кој јас го играм, носи сурова, но искрена енергија на секојдневното преживување. Нивниот однос ја открива човечката грубост, но и неочекуваната нежност што постои дури и во најзатворените заедници“, изјави Јанковски.
Актерката Владанка Крстевска игра 89-годишна пијана баба, улога која за неа претставувала голем предизвик и процес на осознавање на повозрасните, искуство што ќе ѝ користи и во идните улоги. Анастасија Трајковиќ, пак, предизвикот го гледа во излегувањето од комфор-зоната и во слободата да го искаже сопственото мислење, без разлика како тоа ќе биде прифатено од другата страна.
Во претставата играат и Нина Максимова, Мирослав Петковиќ, Марко Трајковиќ и Давид Илиќ.