×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • И официјално поскапе такси превозот во Куманово

    11.03.2022 16:00 | Сузана Николиќ

    По три недели откако такси компаниите и дивите превозници сами си ги зголемија цените, Советот на Општина Куманово денеска донесе одлука за поскапување на такси превозот во градот.   

    И официјално поскапе такси превозот во Куманово

    Новата цена е зголемена за 20 денари и ќе изнесува 80 денари на старт за возење до два килметри и 40 денари секој нареден километар, наместо 60 денари старт и 30 денари по километар како што беше досега.

    Одлуката ја поддржаа советниците на власта од коалицијата „За наша Куманово“, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанца и Беса, сметајќи дека таа е неопходна во време на енергетска криза, високите цени на горивата и зголемување на минималната плата.

    „Иако оваа мерка е непопуларна, треба да се излезе во пресрет на такси компаниите, бидејќи тие подолг период бараат да се зголеми цената. Покачувањето на стартот со поминати 2 километри ќе биде 80 денари и секој изминат километар 40 денари. Доколку не ја зголемите цената на такси превозот ќе се стимулираат дивите превозници“, кажа Дарко Митевски, координатор на групата „За наше Куманово“.

    Координаторот на опозициската СДСМ, Александар Јовановски, праша зошто општинската администрација дозволила таксистите на своја рака да ја зголемуваат цената, и побара одговорност од надлежните за стимулирање на беззаконието.

    „Ние нема да го поддржиме овој предлогот, бидејќи сме ставени пред свршен чин да гласаме нешто за што веќе е донесена одлуката, која веќе се спроведува на терен, во пракса, а граѓаните ја трпат најголемата штета. Се уште немаме комплетен јавен превоз и сега и поскапувањето на такси превозот стана вистински луксуз“, изјави Јовановски.

    Тој праша дали инспекторите за сообраќај излегле на терен и што е преземено, бидејќи општината ги баждари и наплаќа по таксиметрите и дали тие воопшто биле вклучени во овие три недели или се возело на диво.

    Претседателката на Советот Ивана Ѓоргиевска кажа дека во 17 февруари имало барање од Здружението на такси превозниците за корекција на цената, но таа сметала дека не е време да се разгледа таа точката, по што таксистите сами си ја зголемиле цената на услугата. Иако им било укажано дека одлуката им е незаконска тие не сакале да ја сменат. 

    На седницата никој не проговори за квалитетот на такси услугите и што ќе добијат граѓаните за повисоката цена. Ниту, пак, побара од Општината да воведе ред во оваа дејност.

    Во такси сообраќајот во Куманово има повеќе нерегистрирани отколку легални такси превозници. Тие вршат превоз  со стари возила, без таксиметри и фискални апарати, а цената и километражата ги одредуваат од око. Најчесто возат по неколку патници за цена колку што чини автобускиот билет.  Со тоа се стимулира сивата економија на штета на регистрираните таксисти, јавниот превоз, општината и државата.

    За хаосот во такси превозот на локално, но и на меѓуопштинско ниво кон Скопје и Липково, со години наназад се зборува, но ништо не се презема да се реши.  Само одговорноста си ја префрлаат Општината и МВР.

    Во Куманово веќе 2,5 месеци во поголем дел на градот нема јавен превоз, затоа што изборот на нови превозници заглави во жалбена постапка, па граѓаните од најголемите пригратски населби се приморани на работа и за други потреби да користат такси услуги со повисока цена, но со многу слаб квалитет.

     Во Куманово такси услугите последен пат поскапеа во декември 2018 година.