×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Измислуваат киднапирања за да бегаат од час

    07.05.2010 07:09 | KumanovoNews

     Куманово сеуште живее во страв од киднапирање, по исчезнувањето на двете Ромчиња од населбите Средорек и Бавчи и по случката во селото Ваксинце каде германски туристи беа обвинети за киднапирање деца.

    Измислуваат киднапирања за да бегаат од час

     Во полиција секојдневно се јавуваат загрижени родители и ученици и пријавуваат дека слушнале за нови случаи на киднапирање. Екипи излегуваат на терен и по извршената проверка кажуваат дека се с`е сведува на шпекулации. Според нив има индиции дека целата ситуација ја злоупотребуваат малолетници.

     Некои оперативни податоци укажуваат дека одредени малолетници за да ја избегнат наставата или испрашување пред крајот на школската година пуштаат такви шпекулација за да предизвикаат страв и да обезбедат алиби да не присустваат на настава во средните и основните училишта - вели началникот Љубомир Ѓурчески.

     Дезинформациите одам дотаму што се пласираат со прецизни податоци кој и каде е киднапиран. Завчерашната информација дека во црн џип без регистарски таблички е вовлечен седмоодделенец од ОУ „Крсте Мисирков„ додека седел пред гимназијата „Гоце Делчев„ повторно ги крена на нозе граѓаните.

    Оваа дезинформација ја слушнавме околу 16 часот. Дојде од надвор и не знаеме кој ја пласираше, но предизвика паника кај професорите и учениците. Стравот кулминираше вечерта кога загрижени родители ми се јавуваа и прашуваа дали е вистина. Проверивме во полиција и ситуацијата се смири. Одржавме колегиум и се договоривме да им пренеме на учениците и родителите да не се плашат, бидејќи се работи за лага - вели Александар Саздевски, директор на ОУ „Крсте Мисирков„.

     Полицијата апелира до граѓаните да не подлегнуваат на шпекулациите и да не внесуваат страв кај своите деца, бидејќи нивното движење во градот е безбедно.

    Ги повикувам граѓаните на Куманово и најчовечки ги молам да не наседнуваат на такви провокации и шпекулации од типот дека во градот се грабнуваат, киднапираат и исчезнуваат деца. Како прв човек на кумновската полиција најодговорно ви тврдам дека освен двете исчезнати деца од ромските населби Средорек и Бавчи,нема пријавено исчезнување на други деца или младинци во подолг временски период, ниту други дејствија кои би укажале дека некој подготвува или намамува деца - вели Ѓурчески.

    Од исчезнатите деца Дани Мемети и Мирсада Хелдовиќ веќе месеципол нема трага, а биле приведени неколку осумничени лица за кои постоело сомнение дека се можни сторители на кривични дела. Во случајот Ваксинце не биле пронајдени докази за тврдењата на граѓаните дека виделе маскирани лица како носат врзано дете.