×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    Јас имав среќа, но некој може да загине, вели кумановецот врз кого падна решетка од олук на плоштадот

    24.06.2022 12:51 | Сузана Николиќ

     Фуркан Ф.(35) од Куманово пред неколку дена беше повреден на Градскиот плоштадот во Куманово, откако решетка од олук на зграда падна врз него. Од ударот доби повреди на главата и ногата, но по укажаната лекрска помош пуштен е на домашно лекување. 

    Јас имав среќа, но некој може да загине, вели кумановецот врз кого падна решетка од олук на плоштадот

    Сега чувствува силна болки од хируршката интервенција на челото, исто како и во вратот, расечната аркада, окото и на петата, но вели дека тоа не е толку страшно во однос на она што можело да се случи.

    „Животот ми даде втора шанса, сум имал век да останам жив. Сега кога размислувам што се` можело да се случи повеќе се плашам отколку во моментот кога се случи несреќата. Можев да добијам фатални повреди. Апелирам до надлежните да ги поправат старите згради и куќи низ градот, бидејќи може лесно некој да настрада“, вели Фуркан.

    Тој кажува дека во неделата навечер седел со пријатели во едно од кафулињата на Градскиот плоштад и околу 20.40 часот тргнал да си ја земе колата од паркингот каде го чекала сопругата и детето. Додека поминувал покрај зградата не слушнал никаков звук, туку само почувствувал удар во главата. Кога се освестил видел дека е облеан во крв и над него стоеле луѓе кои го посипувале со вода. 

    „Во прв момент не знаев за што се работи. Луѓе од блиското кафуле ми пружаа помош. Беа потресени, викнаа Брза помош. Ми кажаа дека паднала решетка и ме повредила. Дојде и полиција и го затвори местото. Кога ме однесоа во болница хирургот кој ми ја шиеше раната ми кажа дека сум имал голема среќа, да ме удреше решетката директно на темето или на вратот, би останал на место мртов или инвалид за цел живот“, кажува Фуркан, кој особено е благодарен на луѓето кои му пружиле прва помош и покажале голема хуманост.

    Од угостителскиот објект потврдуваат дека Фуркан во сета несреќа, сепак имал среќа, бидејќи металната решетка кој паѓала од голема височина пред да урди во него прво паднала на кровот на дуќанот.

    „Се ублажи ударот, инаку да паднеше со целата тежина врз него ќе го разнесеше, се плашам и да помислам што можеше да се случи“, вели нашиот соговорник.  

    Сопствениците на дуќаните околу Занаетчискиот дом кажуваат дека од старата и оштетена фасада на зградата постојано отпаѓаат парчиња малтер и бетон, а пред пет години паднало толку голема плоча која ја оштетила кровната конструкција на шивачката работилница, а двајца вработени биле повредени. Тогаш на зградата била залепена минијатурна табла со предупредување за опасност дека фасадата се рони, која е незабележителна.

    „Ништо не преземаа. Ставија жолта лента да не поминуваат граѓаните, ама по извесно време некој ја тргна. Нас ни кажаа да ги тужиме станарите, бидејќи зградата е нивна. Овде е многу прометно проаѓаат и се играат мали деца. Треба под итно да се реши овој проблем додека не е доцна, ќе загине некој“, велат нашите соговорници.

    Од СВР Куманово во понеделникот соопштија дека екипа извршила увид на местото на настанот, а повреденото лице било пренесено во ЈЗУ Општа болница Куманово за укажување лекарска помош и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

    Од Општина Куманово велат дека согласно Законот за домување, одржување на заедничките простории на простории во стамбени објекти е во надлежност на самите станари, преку избрани стамбени домари. Тие додаваат дека овој проблем ќе се решава во судска постапка и во овој случај Oпштината нема надлежност ниту одговорност за несреќата. 

     

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk