×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • КУМАНОВСКИОТ РЕГИОН ИМА НЕРПОЦЕНЛИВО ПРИРОДНО И ИСТОРИСКО БОГАТСТВО НЕ САМО ВО ЗЕМЈАВА ТУКУ И ПОШИРОКО

    25.05.2020 09:41 | KumanovoNews

    Кумановскиот регион со својата богата историја, каде што се наоѓаат единствените светилишта од периодот на бронзеното време, со богатиот фрескоживопис или остатоци од римското време, со непроценливата убавина на Бислимската клисура долга 7 км или пак погледот од Кокино, претставува реткост и богатство не само за Македонија, туку и пошироко.

    КУМАНОВСКИОТ РЕГИОН ИМА НЕРПОЦЕНЛИВО ПРИРОДНО И ИСТОРИСКО БОГАТСТВО НЕ САМО ВО ЗЕМЈАВА ТУКУ И ПОШИРОКО

    За тоа зборуваат и многубројните податоци и истражувања, меѓу кои и дека во 2004 година НАСА го стави Кокино на четвртото место на листата со најстари и најважни астрономски опсерватории во светот, а од неодамна и археологот Дејан Ѓорѓиевски од Музеј Куманово во издавачката куќа „BAR“ од Оксфорд објави труд во монографија, каде дава доказ дека античките римски центри продолжиле да егзистираат како наслеби, но во поскромен облик и дека новите народи не наишле на „пуста земја“.

    „На местото на денешно Куманово постоеле најмалку 2 праисториски населби кои подоцна исчезнале, а кои претставувале никулци во формирањето на градот. Едната се наоѓала на ридот на денешната Спомен костурница и егзистирала во железното време (7 век п.н.е.). Нејзините остатоци се тешко видливи затоа што е скоро целосно уништена при изградбата на железничката пруга и градењето на Споменикот.     Втората населба била од истиот период и е лоцирана во месноста Бел Брег, тоа е всушност потегот над ресторанот „Bella Dona“ на ул. Вараждинска до раскрсницата со ул. Лесковачка. Границите на населбата не се дефинирани, но во неколку наврати се ископани железнодопски гробови – еднаш при градење на патот за кумановска бања, втор пат  во 70-тите години кога е унишетно (при градење на куќа) последното видливо погребувања со тумуларен изглед (поголем насип од земја врз гробови). И во двете ситуации се откриени вредни наоди од метал кои спаѓаат во групата на пајонско-македонски бронзи (посебен вид на накит карактеристичен за пајонско-македонските заедници во 7 в. пр.н.е.), од кои дел се наоѓаат во НУ Музеј Куманово. Голема е веројатноста дека во неизгредените површини на таа локација постојат уште железнодопски гробови, а слични ситуации се наоѓани и во околината на црквата Свети Мина“, - вели археологот Ѓорѓиевски.

    Тој додава дека во кумановскиот регион се наоѓаат засега единствените светилишта од периодот на Бронзеното време (22-12 век п.н.е.) во овој дел на Балканот.

    „Станува збор за манифестирање на религиозни ритуали преку оставање на дарови врз карпа кои се документирани на два локалитети – Две Могили во Пелинце (на ридот до вливот на реката Бистрица во Пчиња), откриен од Блажо Ѓорѓиевски и Ленка Трајковска и Татиќев Камен во Кокино, откриен од Јовица Станковски. Станува збор за ритуали кои не се пронајдени на други места, освен на планините на Крит, каде што дури и типот на даровите е скоро идентичен како оние на Кокино. Се уште не се откриени целосно врските меѓу овие толку слични, а толку оддалечени места“, - објаснува Ѓорѓиевски.

    На локалитетот Градиште на границата на атарот на селата Младо Нагоричане и Макреш, на еден од ридовите над реката Пчиња, во непосредна близина на регионалниот пат кон Бугарија, се откриени остатоци од населба од период (5-3 век п.н.е.) за кој малку се знаеше кај нас. 

    „Пред да се открие населбата, се мислеше дека северниот дел од нашата земја не бил вклучен во цивилизациските процеси настанати со освојувањата на Александар Македонски и неговите наследници. Но, на самиот локалитет постојат градби и наоди кои недвосмислено зборуваат дека населбата има цврсти врски со останатите населби во Македонија, особено со оние на Егејскиот југ. Населбата ја сруши тезата дека малтерните ѕидови кај нас се јавуваат со доаѓањето на Римјаните – напротив, тука се пронајдени големи количини на боен малтер, многу сличен на оној пронајден во престолнината на македонските кралеви-градот Пела. Големо изненадување беше и откривањето на јонски капители (горни делови од грчките столбови) и бази, кои засега се единствени во македонските музеи. Во музејот во Куманово се изложени 4 капители и три бази за јонски столбови. Исто така, малку е познато дека луѓето кои живееле во населбата имале префинет вкус, па пиеле вино донесено од островот Тасос, за што сведочи еден печат врз амфора (сад за транспорт на вино) изложен во музејот“, - вели археологот.

    Од римскиот период кај нас се истражувани неколку локалитети. Местото Дрезга во с. Лопате претставува некропола (гробишта) кое го користеле жителите на засега неоткриената населба која веројатно започнувала со топонимот ЛАМУД... Истражувана е од Звонимир Николовски, којшто, покрај другите вредни наоди, има откриено и еден сосема уникатен сад од стакло, кој внатре содржи уште еден помал стаклен сад. Станува збор за редок вид на наод, за кој требало особена мајсторија во изработката, и е изложен во музејот. Постојат само неколку такви примероци во светот.

    Од Николовски е истражувана уште една римска населба – Црквиште кај с. Клечовце, претпоставениот град Визианус(ум). Особено е значењето на црквата – ранохристијанска базилика која тој ја открил, а која е доистражена од Музеј Куманово во последните неколку години.

    „Станува збор за голема градба, која според наодите е една од најстарите во Македонија од тој тип, направена релативно брзо по официјализирањето на христијанството како религија. До неа, археолозите пронајдоа и римска бања, со систем на подно греење (хипокауст) и ѕидно греење, засега единствена во регионот“, - кажува Георгиевски.

    Локалитетот Костоперска Карпа (месноста Св. Петка) крие многу тајни, за што сведочи и турскиот назив за ова место – Кирклисе (Четириесет цркви). Покрај тоа што претставува природна реткост и споменик на култура, локалитетот има и една мистериозна градба под земја. Станува збор за просторија издлабена во мекиот вулкански туф, за која не се знае точната намена – според некои е цистерна, гробница, подземна скривница или пак подземен храм. Од овој локалитет потекнува и една уникатна појасна гарнитура од 5 век, изложена во кумановскиот музеј.

    Кумановскиот регион има и една добро сочувана твдина, сместена во Бислимската Клисура. Станува збор за местото Градиште, с. Пчиња, каде што се уште се видливи остатоците од утврдувањето со сочувани ѕидови до 2м и кули. Овој локалитет, освен научен, има и туристички потенцијал доколку се истражува, поради плановите за уредување и адаптирање на клисурата за посети.