Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Македонија се позиционираше на 42 место на Индексот на слобода на медиуми за 2025 година, што е пад за 6 места во однос на претходната година. Генералната оценка е „задоволителна“, но со пад во три од пет индикатори.
Најголемиот пад е во политичкиот показател, од 9,07 поени, за 4,19 поени падот во социјалниот показател, а во економскиот од 3,66 поени. Пораст, кој е незначителен, земјава има во однос на правната рамка и овде сме подобри за 0,25 поени и во индикаторот безбедност за 0,01 поен.
„Иако новинарите во Северна Македонија не работат во непријателска средина, широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите. Ваквата состојба ги изложува независните медиуми на закани и напади. Дополнително, владините претставници покажуваат тенденција на лош и понижувачки став кон новинарите“, стои во извештајот на Репортери без граници.
Од организацијата наведуваат дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога.
„Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионалните онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина и индивидуалните портали кои плагираат и копираат и лепат содржина“, констатирале од Репортери без граници.
ЗНМ го смета извештајот за реален и балансиран приказ на состојбите, кој јасно ги посочува постојните предизвици и потребата од суштински реформи.
Во правниот дел, извештајот нотира дека националното законодавство сè уште не е усогласено со европските стандарди, а злоупотребата на т.н. SLAPP тужби (стратешки тужби против јавна партиципација) останува механизам за притисок врз критичките медиуми и новинари.
Во делот за безбедност, и покрај позитивниот чекор со назначувањето на контакт точки во ЈО и МВР за случаи на напади врз новинари, извештајот бележи продолжени случаи на заплашување, притисоци и напади кои го нарушуваат чувството на сигурност кај новинарите, особено кај оние што известуваат за злоупотреба на моќ и корупција.
Извештајот укажува на тенденцијата носители на јавни функции да имаат негативни и понижувачки ставови кон новинарите, а таквиот однос создава атмосфера на недоверба и недостоинство, која лесно се прелева и во јавниот дискурс, но и во реални закани и напади врз новинари.
Во економскиот дел, се истакнува дека финансирањето на медиумите е ограничено и нетранспарентно, а редакциите често се подложни на економски влијанија.
Извештајот се однесува на изборната 2024 година, во период на поларизирана политичка клима која резултираше со засилен партиски дискурс во јавната комуникација и медиумите.
Овие наоди, според ЗНМ, претставуваат јасен сигнал до институциите дека се неопходни итни и координирани реформи за зајакнување на медиумскиот сектор и подобрување на положбата на новинарите. Клучните приоритети треба да бидат:
Од земјите во регионот Словенија бележи напредок од 9 места, сега се наоѓа на 33 место, а Црна Гора е на 37 место, повисоко за три позиции во однос на лани. Зад Македонија се Хрватска на 60 место, Бугарија на 70, Албанија е на 80 место, Босна и Херцеговина на 86, Грција на 89, Србија на 96 и Косово на 99 место.
На врвот на листата од 180 земји во светот е Норвешка, а меѓу првите пет се и Естонија, Холандија, Шведска и Финска. Најслабо рангирани се Еритреја, Северна Кореја, Кина, Сирија, Иран и Авганистан.
Според Индексот за слобода на медиумите, генерално, слободата на медиумите низ целиот свет е во полоша состојба од кога било.