Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Маската “Не љути се човече” која ја изработија учениците од средното училиште“Киро Бурназ” - Куманово е прогласена за маска на годината, на онлајн гласање што го организираше Фондацијата за култура и спорт на својата Фејсбук страница.
Оваа маска освои 43 отсто од вкупниот број на гласови, во конкуренција од 25 групни маски кои учествуваа на овогодинешниот Маскенбал “Батко Ѓорѓија” - Куманово 2023.
„Во оваа прилика сакаме да ви се заблагодариме на сите вас кои учествувавте на маскенбалот, а потоа и интензивно гласавте за маската која најмногу ви се допадна.Уште еднаш, искрени честитки до победничката екипа.Се гледаме следната година,“порачаа организаторите на настанот и гласањето.
Ова година маскенбалот “Батко Ѓорѓија 2023“ за прв пат имаше ревијален карактер, а сите учесници добија благодарници за своето учество, трудот и посветеноста во изработката на маските. По завршување на маскенбалот фотографии од сите маски беа објавени на фејсбук страницата на Фондацијата за култура и спорт Куманово. Маската која во изминатите 7 дена собра најмногу гласови го доби признание за маска на годината.
Претставници од Фондацијата и локалната самоуправа дополнително ќе им врачат признание на победниците.
На маскенбалот учествуваа над 800 деца и ученици од основните и средните училишта, градинката „Ангел Шајче“ и денс -студиото „Ултра“ од Куманово, кои со 25 групни маски продефилираа низ градот и се претставија пред публиката на Градскиот плоштад.
Маскенбалот е традиционален и ова беше негово деветнаесето издание.