×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Fiore

    Неподвижен и болен кумановец лежи на отворено на дожд, нeма кој да го згрижи

    25.10.2023 19:57 | Сузана Николиќ

    На само стотина метри од Кумановската болница, во дворот на неговата распадната куќа неподвижен на земја со денови лежи педесет и шестогодишниот  Сефедин К. од Куманово. 

    Неподвижен и болен кумановец лежи на отворено на дожд, нeма кој да го згрижи

    Тој  не може да оди поради проблеми со нозете, а надлежните си ја префрлаат вината кој треба да го згрижи. Единствени кои засега сакаат да му помогнат и ги алармираа и службите и медиумите се неговите соседи, кои постојано бараат институциите да интервенираат додека не е доцна.

    Сефедин нема државјанство и нема лични документи, а не е регистиран ни како корисник во Центарот за социјални работи во Куманово.

    „Човекот три дена лежеше на улица, а сега е во дворот. Не може да оди само се влече со нозете. Лежи надвор и дење и ноќе, сега е и мокар од дождот. Секој ден вртиме во полиција, во брза помош, во Општината, кај социјалните служби и никој не доаѓа. Сите се прогласија за ненадлежни. Сите имаат изговори. Од брза помош еднаш го однесоа и го вратија, викаат не сакале да го примат во болница и повеќе не доѓаат. Од полиција велат тоа не е нивна работа, од Општина немале ингеренции, од Социјалното немале каде да го сместат. Ова е тажно да нема кој да помогне. Како одминува времето тој е во сè полоша состојба. Запуштен е и онака, а дополнително се извалка седејќи на едно место. Ние му даваме храна, ама тој има потреба од лекарства. Треба да се однесе во болница, да се лекува“, вели соседот Арбен Реџепи.

    Соседите кажуваат дека човекот има сериозни здравствени проблеми бидејќи е зависник од алкохол, со години запуштен талкал по улиците и затоа треба да се смести во некоја од соодветните институции.

    Дека Сефо се наоѓа во исклучително тешка состојба се уверивме и самите. Немоќен и исцрпен, лежи на земја покриен со ќебе. Во краткиот разговор прво ни побара маст за нозете затоа што целите му се во рани и многу го болат, а потоа и цигара. Вели дека нема семејство да се грижи за него. Се нашол во таква состојба бидејќи нема социјална помош затоа што нема документи. Во куќата во која живее останале само ѕидови, без прозорци, врати, вода и струја, затрупана е во смет, а од целиот простор се шири неподнослива смрдеа. Покрај него се само неговите кучиња.

    Неговата голгота започнала пред десетина дена, па минатиот вторник бил пренесен со Брза помош и на Хируршкото одделение во Општата болница Куманово. Таму бил прегледан и било утврдено дека е здрав по што бил пуштен, а било писмено побарано од Центарот за социјални работи во Куманово да го згрижи.

    „Шест дена никој не преземал ништо. Тие го оставиле на улица поради што се нашол во таква состојба. Тој човек е надвор. Нека го нахранат, нека го искапат и нека го третираат, а ако има здравствени проблеми нека го донесат ние ќе му помогнеме“, вели в.д. директорот на Општата болница Куманово, Фати Џемаили.

    Наспроти ова, од Центарот за социјални работи во Куманово велат дека Сефедин е отпуштен од болницата во катастрофалана состојба и затоа мора повторно да се врати таму.

    „Човекот има здравствени проблеми и треба да се смести во здравствена установа. Наместо да прифатат да го лекуваат тие и понатаму продолжуваат да бараат изговори. Бараат од нас да го искапеме за да го примат. Како можеме ние да го капеме болен човек, смееме ли тоа да го правиме без санитарни протоколи? Ние немаме капацитети за такво нешто. Нека го примат и нека му помогнат, а потоа ние ќе си ги преземеме сите обврски и ќе се активираат сите служби“, велат од Центарот, кој денеска испратил тим да го посети Сефедин и констатирал дека се наоѓа во тешка состојба.

    Со случајот се запознaени и во Општина Куманово, од каде велат дека пред една недела биле да го посетат и му однеле храна и облека од сопствени средства, но сметаат дека на него во моментот му е потребно лекување, па потоа ќе се бара решение за сместување.

    „Ние немам ингеренции во тој дел. Треба да интеренираат здравствените институции, бидејќи состојбата му е навистина тешка и доколку не се реагира брзо може да биде фатално за него“, вели Александар Крстевски, раководителот на Секторот за социјална заштита.