Општина Куманово ќе донира вода за пиење за жителите на Гостивар
Општина Куманово ќе одвои 242.000 денари за обезбедување вода за пиење за жителите на Општина Гостивар.
Одлуката беше донесена на денешната седница на Општинскиот кризен штаб, по препорака на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
„Во рамки на своите можности, Општина Куманово ќе обезбеди средства за набавка на вода за пиење за жителите на Општина Гостивар. Издвоени се 242.000 денари за оваа намена“, изјави секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска.
Владата вчера донесе одлука за прогласување кризна состојба во Општина Гостивар во траење од 30 дена, со цел побрза координација на институциите, ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување безбедна вода за пиење во најкраток можен рок.
Според надлежните, цели 22 дена пумпи внесувале вода загадена со фекалии во градскиот водовод. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) предупреди дека водата не смее да се користи ниту како техничка. Пумпите биле поставени во отворен канал со цел да се зголеми притисокот во водоводниот систем за Гостивар и околните села.
Во Гостивар има повеќе од 3.150 заразени лица, а од 19 јули во општината е прогласена епидемија.
Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага и одреди 30-дневен притвор за директорката на ЈП „Комуналец“ и за двајца раководители на сектори, кои се осомничени за тешки дела против животната средина и природата.