Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Стекнување на практично знаење, стипендии за учениците и брзо вработување по матурирање, се само дел од можностите кои ги нуди Средното стручно училиште „Перо Наков“ во Куманово, а кои денеска беа презентирани пред деветоодделенците од градот.
Во холот се одржа отворен дена на училиштето, каде беа претставени насоките за идните средношколци.
Во „Перо Наков“ во прва година има место за вкупно 386 ученици- 202 од нив во 7 паралелки на македонски наставен јазик, и 184 ученици во 7 паралелки за настава на албански јазик. Најголем интерес и но и највисок критериум има за насоките од Секторот за економија, право и трговија, каде за бизнис администратор, е- трговија и дигитален маркетинг и правен техничар потребни се минимум освоени 60 поени во основното училиште. За насоките за изработувачи на обувки и облека, моделирање на текстил и кожа, како и дизајн на облека критериумот се најмалку 45 поени. Во уметничкото образование- графички дизајн се запишуваат само 34 ученици, во една паралелка, но за нив е задолжителен и приемен испит на кој се оценува талентот на апликантите.
Директорката на училиштето Мила Жибак - Димковска вели дека е ќе биде задоволни ако се повтори минатогодишниот успех на бројот на запишани ученици.
Најголем дел од паралелките се дуални, проект кој се спроведува во последните 5 години во училишето. На тој начин се произведуваат конкурентни кадри на пазарот на труд, како и индивидуални вештини за самостојно започнување на занаетчиска или друг вид на работа.
Учениците велат дека се задоволни од наставата, практичната обука, а голем дел од нив веќе имаат јасна визија за својата иднина.
„Јас учам во дуалната паралелка за економски техничар. Добро е што сме запишани тука затоа што можеме веднаш да се вработиме – како сметководители, банкарски службеници, во администрација или дури и како наставници по економски предмети, како што е случај кај нас во училиштето. Во прва година сум и многу сум задоволна. Не би сменила ништо – ниту предметите, ниту професорите. Не учиме само теорија, туку и практични работи, имаме многу презентации, учествуваме и во Еразмус проекти“, изјави Теодора Спасовска.
Ивана Трајковска, ученичка во втора година ги наброја конкретните предности на училиштето- редовни месечни стипендии, практична работа кај работодавачи, тоа што училиштето се наоѓа на одлична локација, често организирани посети на институции и организации. Наставната програма е добра и прилагодена на реалниот пазар.
Во последните години опаѓа интересот кај учениците за кожарско- текстилната струка.
„Тоа е штета, бидејќи Куманово отсекогаш било чевларски град. Се нуди сигурно вработување веднаш по завршувањето на школувањето. Учениците добиваат месечна стипендија од 3.500 денари и се стекнуваат со вештини кои се применливи веднаш во реалниот живот“, истакна професорката Анета Грујиќ.
Таа додаде дека учениците на практичната настава изработуваат кожна галантерија – приврзоци, футроли, ремени, паричници и ташни, како и редизајн на производи, со што се поттикнува нивната креативност и занаетчиска самостојност.
ССУ „Перо Наков“ се позиционира како една од најпривлечните опции за основците кои годинава ќе го избираат своето средно образование.