Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово не доби согласност од Владата за преземање на Пионерскиот дом во своја сопственост и негово реконструирање и идно стопанисување.
Објектот и понатаму останува во сопственост на Министерството за труд и социјална политика, кое, според најавите, има намера да го реновира и во иднина да го користи за свои потреби.
Од општината реагираат на донесената одлука, сметајќи дека ваквите објекти треба да се децентрализираат и да преминат во надлежност на локалните власти. Во спротивно, може само да се одолговлекува нивната санација и да се нагрдува градот со руинирани згради што се опасност и за околината и за населението.
„За жал, моите лични заложби да го вратиме сјајот на Домот на пионерите, пропаднаа. Жално е да се гледаат руинирани објекти, кои некогаш биле реномирани институции во градот. Лично сметам дека сите објекти кои се во владение на државата треба да се вратат во надлежност на општината, а потоа ние да бараме средства и етапно да ги реконструираме и вратиме во функција“, смета претседателката на Советот на Општина Куманово Ивана Ѓоргиевска.
Локалната власт има замисла во Пионерскиот дом да се направи кино, да се користи за потребите на децата и учениците или да се прошири Градската библиотека. Просторниот капацитет овозможува услови за овие дејности, но и за голем број други потреби како што е обезбедувањето простор за граѓанските здруженија од областа на образованието, културата или спортот.
Ѓоргиевска смета дека граѓаните кои секојдневно поминуваат и сведочат за состојбите во кои се наоѓа Домот на пионерите, но и Феријалниот дом, Градскиот стадион и други објекти се најповикани да одлучуваат за судбината на тие градби. Секако, и како граѓани на Куманово се најзасегнати за брзо решавање на проблематичните локации и побрза санација на веќе пропаднатите згради.
„Обезбедувањето на финасиски средства за сите тие проекти нема да е лесна работа, но ќе се снаоѓаме некако. Или ќе аплицираме во некој од европските фондови, ќе алоцираме средства од локалниот буџет ќе бараме кредити од Светската банка и слично, постојат можности. Мислам дека како општина би биле поекспедитивни во реализација на овие проекти, отколку државата“, вели Ѓеоргиевска.
Министерството за труд и социјална политика, пак, во чија сопственост останува Пионерскиот дом, има план да го реновира објектот и да го стави во функција за свои потреби.
И премиерот Димитар Ковачевски даде ветување дека ќе се бараат начини за обнова на овие објекти, не само во Куманово, туку и во државата.
„На оваа тема е разговарано со министрите за образование и за култура. Единствен начин е Владата да осмисли концепт објектите да бидат доделени на сопственици, односно управители кои ќе управуваат на најдобар можен начин со нив за да станат место какво што биле, за што биле наменети и планирани уште кога биле направени“, изјави премиерот Ковачевски при една посета на Куманово.
Зградата на Пионерскиот дом е во владение на МТСП од 2015 година, а во 2018 година дел од објектот беше пренаменет и адаптиран во детска градинка.
Општина Куманово пред три месеци поднесе Предлог - одлука за престанок на правото за трајно користење на Министерството за труд и социјална политика врз Пионерскиот дом и побара преотстапување во владеење на локалната самоуправа. Локалните власти и пред десетина години го бараа објектот од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, но и при двата обиди „извисија“.
Пионерскиот дом, кој се наоѓа во центарот на Куманово, од омилено катче за детско творештво денес е претворен во руина преполна со смет и шут, дувло на сомнителни лица и закана за безбедноста на граѓаните и околината.