Секој што го сака Куманово да излезе да гласа за промени, порачаa од СДСМ на митингот во Куманово
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче вечерва од големиот митинг „Се бориме за нашиот дом“ во Куманово истакна дека СДСМ повторно расте и станува најсилната партија која единствено може да му се спротивстави на ДПМНЕ.

Тој истакна дека борбата на СДСМ е исправна, искрена и во интерес исклучиво на граѓаните.
„Затоа што патриотизмот за СДСМ значи да се бориш за секој човек, патриотизам е да го обединиш народот околу заедничка цел, патриотизам е да водиш политика за иднината и да ги заштитиш луѓето. Тоа е СДСМ и никогаш нема од тоа да отстапиме“, нагласи Филипче.
Од завршниот собир пред локалните избори во недела, претседателот на СДСМ ги повика граѓаните да гласаат со разум и со срце.
„Куманово отсекогаш знаело да победува и да го сврти кормилото кога другите се двоумат. Знаело и знае да направи вистински избор затоа што ова е град на луѓе што не прифаќа никакво понижување. Ова е град што во најтешките времиња ја избирал вистинската
страна. Затоа вечерва од вас барам да ја претворите гордоста во мобилизација, емоцијата во масовна излезност и разочарувањето од
власта во сила за промени“, повика Филипче.
Кандидатот за градоначалник Мартин Костовски вети дека со чиста совест и искрено срце, ќе работи посветено, домаќински и праведно — за секој човек, за секоја улица, за секое маало во нашето Куманово.
Тој најави нов административно-деловен центар со подземна гаража во центарот на Куманово, 4 нови градинки – во Зелен Рид, Карпош, Перо Чичо и Тоде Мендол, отворен пливачки базен со аква парк, голем семеен парк – со пешачки патеки, игралишта, зелени површини, летниковци, реконструкција на Зелениот пазар со подземна гаража, реконструкција на Градскиот стадион.
Тој ги повика граѓаните во недела да излезат на избори и да гласаат по совест,а не по партиска определба.
„Имам една порака до коалиционите партнери на мојот противкандидат. Знам дека многумина од вас не се согласуваат со тоа како се води градот денес. Знам дека не сте горди на сето што не се направи. Но ова не е време за поделби – ова е време за храброст, за обнова, за заедништво. Ајде заедно да почнеме одново и да си подадеме рака. Да ја вратиме надежта. Да ја градиме иднината заедно – не во кавги, туку во проекти. Не во делби, туку во работа. Ова не е само политичка кампања. Ова е граѓанска мобилизација. Ова е повик до секој човек што го сака Куманово – да стане, да излезе и да гласа за промена“, заврши Костовски.
Носителот на листата на советници Томица Илиќ, кажа дека Куманово се претвора во град на безнадежност, летаргија, град кој го губи духот на животот. Потсети дека нивната предизборна програма се фокусира на младите, животната средина, функционален и безбеден јавен простор и општина по мерка на граѓаните.
„Сето ова да го реализираме потребна ни е ваша помош не само за да не гласате, туку да ни помогнете во процесот на креативна деструкција на овој систем кој владее сега, процес кој бара еден нов начин на работа, нов начин на размислување и нов начин на менување на реалноста во која живееме. Тој нов начин подразбира општествена инклузија на секој од нас, кој сака, знае и умее да помогне на Куманово. Време е вистинските, социјалдемократите, да ги постават темелите на едно ново, модерно Куманово затоа барам поддршка од вас за листа на советници на коалицијата предводена од СДСМ и нашиот кандидат за градоначалник Мартин Костовски бидејќи ова не е наша лична борба ова е борба за нашиот дом и за Куманово“, кажа Илиќ.
Коалицијата на СДСМ е под реден број 5 на гласачкото ливче.