„Скриени“ фирми во сопственост на градоначалници и поранешни министри добивале тендери, откри ЦГК
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Здружението на даночни советници и Активо го објавија „Истражувањето за откривање евентуални судири на интереси и злоупотреба на моќ при јавните набавки кај политички експонираните лица“ кое меѓу другот покажа дека преку Регистарот на вистински сопственици се откриени сопствеништва во фирми на политички експонирани лица (градоначалници и министри), кои не им се пријавени во изјавите за интереси доставени до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Според резултатите од истражувањето, 41 од анализираните 360 поранешни и сегашни функционери, се јавуваат како вистински сопственици во некоја фирма, а 23 од овие функционери целосно или делумно ги сокриле своите удели во фирми кога доставувале изјава за интереси до ДКСК.
„Разликите во податоците за бизнис-интересите на функционерите укажуваат на отсуство на соодветна проверка и верификација на точноста на податоците и во Регистарот на вистински сопственици, и во изјавите за интереси што избраните и именуваните лица ги доставуваат до ДКСК. Фирми во сопственост на градоначалници и поранешни министри добивале договори за јавни набавки, концесии и лиценци доделени од државни институции. Во изјавите за интереси до ДКСК функционерите пријавуваат податоци само за најтесното семејство со кое живеат под ист покрив, а изјавите доставени до ДКСК до крајот на 2023 година ги има само во хартија и не се достапни на специјализираниот веб-портал, итн…“, се наведува во истражувањето на ЦГК.
Оттаму забележуваат дека на граѓаните, новинарите и граѓанските организации им е оневозможено активно да учествуваат во откривање на евентуални судири на интереси и злоупотреба на моќ од страна на носителите на функции затоа што Регистарот на вистински сопственици не е јавно отворен и за информациите во него се плаќа, а податоците за бизнис-интересите на функционерите во јавно достапниот електронски систем на ДКСК се нецелосни.
„Во услови кога за информациите за сопствеништво треба да се плати, а изјавите за интереси во голем број случаи не се сеопфатни и точни, се олеснува криењето на сопствениците на фирмите, наместо јавно поврзување и објавување на фирмите кои добиле тендери и концесии со нивните сопственици“, велат од ЦГК.
(извор.мкд.мк)