Кривопаланечка скулпторка дел од светската уметничка сцена во Пекинг
Со современа скулптура изработена од отпадни материјали, уметницата Нела Јанковска од Крива Паланка ја претстави Македонија на престижното Меѓународно уметничко биенале во Пекинг. Нејзиното дело „Метаверзум конекција“ испраќа силна порака за односот меѓу човекот и технологијата во современиот свет.
На изложбата, чија тема е „Соживот“, се прикажани околу 600 современи уметнички дела од речиси 120 земји и региони од светот.
Скулпторката Јанковска се претстави со делото „Метаверзум конекција“, скулптура изработена од отпадни материјали. Како основа и конструкција е користен метал, додека останатите елементи се од пластика и видеоленти (полипропилен), кабли и други делови од електронската технологија.
„Ова дело претставува хармонична коегзистенција меѓу човекот и технологијата. Заедничкиот просперитет на односот човек–машина станува сè поголем предизвик со кој нашата колективна мудрост мора да се соочи денес. Во своите скулптури Јанковска најчесто користи пластика, видеоленти и разни најдени предмети, претежно отпадни материјали од гума и пластика, производи на масовната култура, технологијата и потрошувачкото општество. Со нив таа укажува на светот во кој живееме – преполн со информации, отпад и краткотрајни вредности“, велат од ЛУ Градски музеј Крива Паланка.
Изложените дела не опфаќаат само традиционални уметнички форми како сликарството и скулптурата, туку ги вклучуваат и дигиталната уметност и видеото. Целта на настанот е да се истражат нови концепти во уметничкото творештво, да се стимулира креативноста на уметниците и да се зајакне меѓународното влијание и дискурзивната моќ на современата кинеска уметност.
Организацијата и логистичката поддршка за гостувањето на делото на Јанковска беа реализирани со стручна помош од Ѓорѓи Костовски, кустос-историчар во ЛУ Градски музеј Крива Паланка.
Нела Јанковска е родена во 1971 година во Крива Паланка. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1994 година, во класата на професорот Стефан Маневски. Од 1995 година е редовен член на ДЛУМ. Зад себе има повеќе од 30 години активно творештво и учество на бројни групни изложби, ликовни колонии, како и неколку самостојни изложби. Добитник е на наградата за скулптура „Стефан Маневски“ на Сојузот на ликовни педагози на Македонија (2005), наградата на ДЛУМ „Јордан Грабул“ (2008) и годишната награда за скулптура на ДЛУМ за 2023 година, за делото „Метаверзум – средба“, кое обработува концепти на виртуелни и проширени универзуми, комуникација меѓу светови и хуманоидни форми.