Кумановци и денеска на протест пред УЈП поради ретроактивното оданочување
Стотина кумановци, кои работеле во американските бази во Ирак и Авганистан, и денеска излегоа на протест пред канцеларијата на Управата за јавни приходи во Куманово, незадоволни од одлуката за ретроактивно оданочување на приходи остварени од странство, почнувајќи од 2020 година.
„Нема ништо ново во однос на вчера. Никој не ни се јави, никој не не побара да ги слушне нашите барања. Остануваме на протестот до петок како што најавивме, за потоа ќе видиме“, кажаа граѓаните.
Тие ги повторија своите барања: УЈП правилно да ја утврди даночната резидентност според фактичкиот престој подолг од 183 дена надвор од државата, да ги признае доказите како што се пасошите, печатите и потврдите од работодавачите, како и доказите за работа и престој без условување со формална одјава, да изврши ревизија на донесените решенија и привремено да ја запре присилната наплата.
Истовремено, ги повикаа премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот Максим Димитриевски и директорката на УЈП, Елена Петрова, да дојдат на средба на која ќе им ги презентираат доказите што ги поседуваат и ќе побараат насоки за понатамошно постапување. Како што наведоа, роковите истекуваат, а по 15 јануари ќе треба да плаќаат и камата доколку не постапат по решенијата што ги добиле.