Мени

Протести пред УЈП од понеделник до петок поради ретроактивен данок

09.01.2026 14:03 | KumanovoNews

Кумановци кои работеле во базите во Ирак и Авганистан, од понеделник до петок ќе протестираат секој ден поради одлуката на Управата за јавни приходи (УЈП) за ретроактивно оданочување на средствата што ги добиле по основ на плата за 2020 година.

Протести пред УЈП од понеделник до петок поради ретроактивен данок

Според најавата доставена до медиумите, протестите ќе траат од 14 до 16 часот и ќе се одржуваат пред зградата на УЈП во Куманово.

„Протестите се организираат поради данокот што УЈП го утврди за 2020 година, кој неправедно нè погодува сите нас. Ова е борба за остварување на нашите права, за нашето достоинство и за иднината што нема да ја прифатиме со наведната глава. Излезете масовно – бројноста е нашата најголема сила. Секој што не може лично да присуствува од оправдани причини, нека испрати некој што може – член од семејството, пријател или колега. Борбата е за сите, затоа поддршката мора да биде заедничка. Нема веќе чекање и молчење. Ако денес не сме таму, утре ќе биде доцна. Да покажеме дека сме обединети и решени да истраеме до крај“, стои во повикот.

Незадоволните граѓани досега одржаа два протеста, на кои побараа УЈП правилно да ја утврди даночната резидентност согласно фактичкиот престој подолг од 183 дена надвор од државата, да ги признае пасошите, печатите и потврдите од работодавачите, како и доказите за работа и престој без условување со формална одјава.

Тие, исто така, побараа ревизија на донесените решенија, привремено запирање на присилната наплата, јасни насоки за даночниот третман на граѓаните ангажирани во меѓународни мисии, како и државата по дипломатски пат да ги обезбеди потврдите за платен данок од посочените земји.

По протестите никој од надлежните не се сретнал со засегнатите граѓани.