Мени

Денови на комедија од 23 септември до 5 октомври, картите во продажба од сабота

16.09.2026 09:37 | Сузана Николиќ

Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2026“ ќе се одржи од 23 септември до 5 октомври на сцената на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Денови на комедија од 23 септември до 5 октомври, картите во продажба од сабота

Годинава публиката ќе има можност да проследи 10 претстави на театри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. 

„За првпат фестивалот ќе го отвори Кумановскиот театар со премиерата „Смрт на погребот“, во режија на Ненад Витанов. Фестивалот ќе го затвориме со нашата претстава „Не можам да платам, не сакам да платам“. Оваа година ќе се натпреваруваат 10 претстави. Ќе имаме гости од Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија, како и домашните театри – Театар Комедија, Драмскиот театар, Албанскиот театар, Штипскиот и Битолскиот театар. За првпат годинава билетите ќе се продаваат и онлајн и на билетарницата. Цената е 300 денари, а продажбата почнува во сабота (19 септември) во 12 часот. На билетарницата е дозволено купување најмногу четири билети за една претстава, додека при онлајн продажбата нема ограничување“, изјави директорката на Центарот за култура, Јоана Серафимовска.

На програмата се и претставите:  „39 степеника“ на Народното позориште од Источно Сараево, „Болва во уво“ на Драмскиот театар од Скопје, „Покондирена тиква“ на Народното позориште од Приштина, „Кљукана династија“ на Народното позориште од Ниш, „Кревет за двајца“ на Сатиричниот театар од Софија, „Сладолед за жени“ на Штипскиот театар, „Првиот господин“ на Албанскиот театар од Скопје, „Аматери“ на Театар Комедија, и „Секстет“ на Битолскиот театар.

Сите претстави ќе се играат на големата сцена на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, со почеток во 20 часот.

Изборот на претставите го направи Советот на фестивалот, во кој членуваат директорката Јоана Серафимовска и актерите Александра Михајловска Величковски, Фатон Гегу, Мирослав Петковиќ и Марко Трајковиќ.

„Сметам дека Советот ги одбра најдобрите претстави. Во текот на целата година се работеше, се следеше продукцијата во театрите и се бараа квалитетни претстави кои ќе ја насмеат публиката“, кажа Дени Синадиноски.

И оваа година на затворањето на фестивалот ќе бидат доделени награди во повеќе категории – за најдобар актер, актерка, претстава, режија, сценографија и костимографија, како и награда за најмлад актер. За наградите ќе одлучува стручно жири.

Признанието „Васил Иљовски“ за особен придонес во театарската уметност годинава ќе му биде доделено на Игор Џамбазов, истакнат актер, писател, музичар и еден од најпрепознатливите уметници на македонската сцена.

„Неговата исклучителна актерска дарба, неповторливиот хумор и повеќедеценискиот придонес во театарската и културната уметност оставија неизбришлива трага кај публиката и заслужено го вбројуваат меѓу најголемите имиња на македонската комедија“, беше соопштено од фестивалот.

Свеченото врачување на признанието ќе биде на отворањето на Денови на комедија.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам со 800.000 денари и Општина Куманово со 400.000 денари, како и од повеќе спонзори.

Традиционалниот фестивал „Денови на комедија“ во Куманово годинава се одржува по 29-ти пат. Станува збор за најпосетената културна манифестација во градот, за која секоја година се бара место повеќе.