Мени

Кривична пријава против 11 лица и една приватна здравствена установа поради двојна наплата на услугите

29.10.2026 16:10 | KumanovoNews

Поради сомнежи за незаконски постапки поврзани со операции на очи, приведени се поранешни и сегашни функционери на Фонд за здравствено осигурување.

Кривична пријава против 11 лица и една приватна здравствена установа поради двојна наплата на услугите

Во рамки на акцијата, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје и по една во Тетово и Куманово, при што лишени од слобода се осум лица, а при извршените претреси пронајдени и одземени се парични средства околу 50.000 евра и мобилни телефони.

„Поднесени се кривична пријава против 11 физички лица, од кои еден албански државјанин и едно правно лице, и тоа: Д.Д.(60) од Скопје, О.Р.(66) од Тетово и С.Б.(59) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“, Р.А.(45) од Куманово за „несовесно работење во службата“, З.А.(35) од Скопје за „фалсификување или уништување деловни книги“, В.Ќ. (47) од Скопје, С.А.(40) од Скопје и Г.А.(33) од Р. Албанија за „злоупотреба на службената положба и овластување“ (чл.353 ст.3) в.в (чл.45) и „измама во службата“ (чл.355) од Кривичниот законик, Ц.С.(47) од Скопје, Ж.С.(58) од Скопје и И.П.(49) од Скопје за „несовесно работење во службата“ и против приватната здравствена установа од Скопје за „перење пари и други приноси од казниво дело““, соопшти МВР.

Според наводите во пријавата, двајца тогашни директори на ФЗО во 2020 година, заедно со претставник на приватната здравствена установа, склучиле договор спротивно на пропишаните постапки и интерни акти на Фондот. Претседателот на Управниот одбор се сомничи за неправилности при неговото одобрување.

Врз основа на договорот, преку внесување невистинити податоци во електронскиот систем на ФЗО и изготвување фактури со невистинита содржина, здравствената установа наводно наплаќала исти услуги и од Фондот и од пациентите. На пациентите, покрај законската партиципација, им била наплаќана и приватна цена за операциите, при што им било прикриено дека услугите се наплаќаат и од ФЗО.

Пријавениот директор на Секторот за контрола се сомничи дека не ги доставувал извештаите за утврдените неправилности до надлежната комисија и го одлагал спроведувањето редовни контроли, со што се избегнувало изрекување дополнителни договорни казни и можно раскинување на договорот. Две раководителки на Подрачната служба Скопје се сомничат дека не ја следеле наплатата на веќе изречените казни и не ги известувале надлежните служби, поради што исплатите кон установата продолжувале без пребивање на долговите.

Постојат и сомнежи дека средствата исплатени од ФЗО, за кои овластените лица во установата знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесувани во платниот промет, евидентирани на различни сметководствени конта и користени за плати, набавки и други исплати.

Според пријавата, штетата на буџетот на ФЗО изнесува 104.818.754 денари, односно околу 1,7 милиони евра, за исплати по фиктивни фактури, и дополнителни 525.000 денари за ненаплатени договорни казни. Постојат сомнежи дека во периодот од 2022 до 2025 година здравствената установа се стекнала со противправна имотна корист од 261.271.961 денар, односно околу 4,25 милиони евра. Со опишаната двојна наплата, според пријавата, биле оштетени меѓу 3.000 и 4.000 пациенти.

(Фото. МВР)