Мени

Предложени 40 проекти на буџетскиот форум, ќе се финансираат најдобрите 10

29.10.2026 07:01 | Сузана Николиќ

Реконструкција на улиците „11 Октомври“ и „Доне Божинов“, изработка на техничка документација за стационар за кучиња скитници, изградба на парк во Проевце, летно кино и младински културен центар, уредување на кејот од Митев мост до Проевце, изградба на парк во населбата Карпош, водовод во Пчиња, поставување камери на јавни површини и хидранти за полевање на зеленилото, се само дел од проектите што беа предложени на првата форумска сесија за креирање на буџетот на Општина Куманово за 2027 година.

 

Предложени 40 проекти на буџетскиот форум, ќе се финансираат најдобрите 10

Меѓу другите предлози што беа изнесени се и поставување постојана бина на една од трите локации кај Спомен-костурницата, спортската сала или на градскиот плоштад, организирање новогодишен и божиќен базар и меѓународен фестивал на занаети, субвенции за млади за отворање сопствен бизнис, поставување фотоволтаици и подобрување на енергетската ефикасност во основните и средните училишта, како и гасификација на спортските сали.

Се предложи и отворање на шелтер-центар, изградба на објект за домување на социјално ранливите категории граѓани и возобновување на Кумановската гитаријада.

Секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, смета дека можноста да се слушнат идеите на граѓаните и заеднички да се креира буџетот за 2027 година е од особено значење за развојот на градот.

„Граѓаните најдобро ги знаат проблемите со кои се соочуваат и приоритетите во нивната месна заедница и токму затоа овие настани се од особено значење при креирањето на буџетот. Не секогаш може сè да се реализира и направи, но преку заедничка соработка можат да произлезат идеи и проекти од заеднички интерес за граѓаните. Верувам дека на овој начин можеме да создадеме буџет што нема да биде само збир на приходи и расходи, туку и план за реализација на заеднички проекти за развојот на градот. Да не креираме буџет за граѓаните, туку буџет со граѓаните“, рече Сларидис Јаневска.

На форумот беа предложени 40 проекти, главно од претставници на општинската администрација, невладини организации, јавни претпријатија, директори на училишта и советници. Сепак, на сесијата речиси и да немаше претставници на месните заедници ниту па од граѓаните, а целта на форумите е активно вклучување и учество на граѓаните во креирањето на буџетот. 

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Георгиевска, оцени дека ваквиот начин на буџетирање го олеснува работењето на општинската администрација, бидејќи овозможува полесно донесување одлуки засновани врз потребите на заедницата и транспарентно утврдување на приоритетите на граѓаните.

„Не дека ние што сме во Советот не ги знаеме приоритетите, но често е потребна потврда за тоа што е приоритет за граѓаните. Досега тоа се утврдуваше преку анкетни прашалници, но ова е начин да се дојде до 10 приоритетни проекти од областа на инфраструктурата, културата, социјалната заштита и други области, кои ќе ги посочат самите граѓани“, рече Георгиевска.

Во петок на 30. октомври ќе се одржи втората сесија на која ќе е разгледаат предлозите, а на третиот форум на 3 ноември, ќе се врши финална селекција и рангирање на конкретните предлози.

Буџетските форуму на Општина Куманово во рамки на проектот „Заедници со интегритет”, се финансирани од владите на Швајцарија и Шведска, а се спроведува од Националниот демократски институт (NDI).

Последниот форум на заедниците е одржан во 2018 година, а оттогаш предлозите на граѓаните се собираа преку анкетен прашалник, кој и оваа година е објавен на сајтот на Општина Куманово.