Мени

Кумановската болница доби донација од 100.000 евра од Австриската амбасада

29.10.2026 13:38 | Сузана Николиќ

Општата болница во Куманово доби медицинска опрема во вредност од 100.000 евра, донација од Австриската амбасада, реализирана преку здружението „Витези Темплари“.

Кумановската болница доби донација од 100.000 евра од Австриската амбасада

Донацијата вклучува хидраулични болнички кревети и друга опрема наменета за подобрување на условите за лекување и нега на пациентите.

Директорот на болницата, Сашо Стошевски, истакна дека донацијата не претставува само материјална помош, туку и пример како соработката меѓу централната и локалната власт, поддржана од невладини здруженија и амбасади, може да придонесе за унапредување на здравствената заштита на граѓаните на Куманово и на целиот Североисточен Регион.

„Оваа донација ќе обезбеди подобра нега и грижа за пациентите, но ќе ги подобри и условите за работа на медицинскиот персонал. Со неа ќе ја обновиме болничката опрема, особено креветите на интерното одделение, хирургија и неврологија, каде што има најголема потреба, а потоа и на другите одделенија. Чекор по чекор градиме поквалитетно здравство и подобри услови за пациентите“, изјави Стошевски.

Претседателката на здружението „Витези Темплари“, Гордана Зечевиќ, информираше дека донацијата опфаќа 40 хидраулични кревети со душеци, наткасни и 19 греалки, со цел подобрување на условите во болницата.

„Ова е дел од донацијата, а напролет се очекува уште една голема донација. Вредноста на донацијата е во задоволството на пациентите“, изјави Зечевиќ од „Витези Темплари Македонија“.

Австрискиот амбасадор Мартин Палмер истакна дека донацијата е продолжение на успешната соработка меѓу двете земји, особено со Куманово. Тој потсети дека градот претходно добил донација од австриската покраина Тирол во противпожарни возила, како и обука за пожарникарите.

Градоначалникот Максим Димитриевски им се заблагодари на иницијаторите од здружението „Витези Темплари“, на австриските граѓани кои го финансирале проектот, како и на сите здруженија и компании што помогнале донацијата.

Во првиот дел на донацијата, минатиот месец, беа донесени 16 болнички кревети.  Донацијата се реaлизираше во соработка со кумановското здружение на граѓани ДРОМ.