Соколана – симбол на спортот и единството во Куманово
Спортската сала Соколана, еден од најубавите и најрепрезентативни објекти во Куманово, е пуштена во употреба на 7 септември 1931 година, во присуство на околу 6.000 луѓе. Оваа година објектот слави 94 години од своето отворање.
Историчарите и хроничарите сведочат дека меѓу кумановци немало поголемо единство и слога отколку за време на изградбата на Соколана.

Изградбата на салата започнала во 1922 година, поради тоа што во градот постоело силно соколско движење, кое имало задача да ја развива гимнастиката и целиот спортски живот во градот. Големиот број активности, пред сè вежби, натпревари и паради, кои се одвивале под отворено небо, ја натерало управата на друштвото „Соколи“ предводено од Јован Довезенски и Марко Шимић, да донесе одлука за изградба на салата. Иако знаела дека станува збор за голема инвестиција што ќе бара многу пари, тие сметале на поддршката од населението и локалните власти, но се надевале и на помош од властите во Белград и војската, поради историската важност на Куманово во Првата балканска војна.
„Идејата за изградба на соколскиот дом созреала во време кога се собирале доброволни прилози за кралот Александар по повод неговата венчавка во 1922 година. Покрај тоа, бил организиран посебен настан за собирање пари за овие потреби. Откако била собрана одредена сума, управниот одбор на друштвото, со поддршка од повеќето граѓани, ги намениле парите за изградба на дом што ќе се вика „Соколарски дом на кралот Александар“, како еден вид подарок за кралот. Одборот успеал да добие парцела за градба како подарок од Општина Куманово“, - запиша кумановецот д-р Душан Станимировиќ за изградбата на Соколскиот дом во Куманово, во монографијата „Сјај од минатите времиња“.
Архитектура и изградба
Соколанa ја должи својата убавина и автентичност на српскиот архитект Момир Коруновиќ од Белград, кој бесплатно го изработил проектот. Тој создал врска помеѓу европската култура и балканската традиција. Неговата идеја била просторот да биде мултифункционален, така што покрај спортската, ќе има и културно-забавна намена.
Според архивските документи, по препорака на кралските власти започнала изградбата на 16 спортски објекти – народни домови за југословенска младина, а Куманово било единствениот град во овој дел на тогашната држава каде што се градел таков објект.
Камен-темелникот на салата бил удрен на Видовден, 28 јуни 1923 година. Средствата биле обезбедени од кралскиот двор, министерствата во Белград и во Скопје, локалната самоуправа во Куманово и доброволните прилози од граѓаните и еснафите. Во изградбата се вклучиле и војници од 22-от пешадиски полк во Куманово. Со повремени прекини поради недостаток на финансии, салата е покриена во 1925 година. За жал, во 1926 година, непознати лица уништиле дел од неа, а во меѓувреме попуштила и кровната конструкција, па зградата почнала да се распаѓа. Тогаш, општинскиот инженер Владимир Антонов проектирал нова кровна конструкција, која, заедно со ентериерот, била завршена во 1928 година.
По завршувањето на работата, станало јасно дека зградата не може целосно да ги задоволи растечките потреби на членството во текот на целата година, па затоа била потребна надградба. Со заем од Државната хипотекарна банка и помош од Општината, биле доградени зимската сала за вежбање, сцена и други простории. Во својот конечен изглед, Соколскиот дом имал голема сала со галерија за неколку стотици гледачи, зимска сала за вежбање, тераса, канцеларија и други помошни простории.
Најголемиот дел од средствата биле собрани преку доброволни прилози од населението и од приходи од сопствени активности. Дури и кралот донирал златен џебен часовник кога била организирана лотарија за да се помогне во изградбата.
Отворање со слет
Соколана била осветена на 7 септември 1931 година на роденденот на престолонаследникот Петар. На свеченоста пред околу 6.000 луѓе, бил организиран слет на соколите и војската. Бил поканет и кралот Александар Карѓевиќ, но дошол негов претставник кој им врачил венец за посебни заслуги - признание на соколското друштво поради неговите активности и изградбата на домот.
Историчарите и хроничарите велат дека меѓу кумановци немало поголемо единство и слога отколку за време на изградбата на Соколана. Градот живеел за да ја види конечната верзија на објектот, па затоа секој помогнал колку што можел и со што можел. Дури и учениците со своите наставници на часовите по физичко образование, наместо да вежбаат, оделе на местото „Живкова карпа“ и носеле камења за изградбата на домот.
„Одлуката на кумановци да ја изградат првата спортска сали на овие простори заслужува посебно признание и почит, и верувам дека ние, денес, треба да имаме многу посериозен однос кон овој репрезентативен објект. Во тоа време, градот бил во катастрофална состојба во однос на комуналната и станбената инфраструктура, освен старата искривена саат кула и неколку верски објекти, немало значајни јавни објекти. Затоа идејата на друштвото „Сокол“ за изградба на домот било зрак надеж и верба дека животот може да биде поинаков. Импресионира упорноста на раководството на ова друштво во спроведувањето на овој проект, собирањето на финансиски средства од сите можни извори, и после многу подеми и падови дошло до конечната реализација. Овој уникатен објект на овие простори официјално бил отворен на 7 септември 1931 година. Инаку, најзаслужни за изградбата на „Соколана“ покрај главниот архитектот Момир Коруновиќ, општинскиот инженер Владимир Антонов, претседателите на друштвото „Сокол“, посебна место има и Кира Анѓеловиќ, првиот градоначалник на Општина Куманово, носителот на големата награда „Караѓорѓева ѕвезда“ и секако граѓаните на Куманово“, велеше хроничарот Димитар Масевски.
Културно-забавен живот
Со отворањето на салата, покрај спортскиот, во градот започнал богат културен и забавен живот. Се организирале концерти, настапувале оркестри, хорови, драмски секции, слетови, предавања, театарски претстави итн. Во сабота и недела се организирале игранки и забави, на кои присуствуваа речиси сите млади од градот. Тука се одржал и првиот натпревар за Мис Куманово.
Овие активности згаснале за време на Втората светска војна, кога зградата се користела како магацин за муниција, а се претпоставува дека имало обиди да се урне, но за среќа, безуспешно. Откако ја преживеала војната, Соколана ги отворила вратите за своите сограѓани и станала центар на спортот и културата. Се организирале забави и матинеа, новогодишни прослави, како и натпревари во ракомет, гимнастика, бокс и кошарка.
Зимските кошаркарски турнири
Посебно место во историјата на нејзиното постоење се зимските кошаркарски турнири, кои се одржувале од 1947 година до 1978 година. Тие биле единствени во тогашната држава Југославија и пошироко, а Соколана била првата затворена спортска сала во Македонија.
„Турнирите ја поставиле основата на македонската кошарката. На почетокот, тие се одржувале во скромни услови, а со текот на годините станувале сè подобри и подобри и добивале меѓународно признание. На натпреварите присуствувале кошаркари од цела Југославија. Првите турнири во Соколана биле кошаркарски фестивали. Посетителите доаѓале во раните утрински часови за да ги заземат своите места и не заминувале до вечерните часови, а најголемите љубители на кошарката остануваа преку ноќ, спиеле таму за да не им бидат зафатени местата. Тие излегувале од дома со храна и шише вода и седеле колку што можеле подолго. Турнирите се одржувале пред преполни трибини, гледачите се туркале меѓусебно до страничните терени, а голем дел од нив не можеле ниту да влезат“, вели Марјан Стошевски, спортски новинар и автор на неколку книги и документарни филмови за Соколана.
Во Соколана настапувале кошаркарски легенди како Зоран Славниќ, Душан Дуда Ивковиќ, Ранко Жеравица, Александар Николиќ, Крешимир Ќосиќ, како и врвните кумановски кошаркари Мирољуб Лалевски Нини, Душко Ивановски Боби, Милорад Живановски Миче и други.
Пад и обнова
По изградбата на спортската сала во Куманово, Соколана постепено го губела своето место. Некое време ја користеле помалите клубови, а подоцна била препушна на забот на времето. Исто така, била дадена под концесија на правни лица, но со години не се инвестирало во нејзино одржување. Атмосферските влијанија и човековата негрижа го земале својот данок, па голем дел од фасадата и покривот биле уништени. Во 2020 година, заедно со уште 5 други спортски објекти, беше вратена на градот. Од пред две години започна реконструкција на Соколана за враќањето на сјајот на симболот на спортскиот и богатиот културно-забавен живот во Куманово.