Советот одобри 27 нови вработувања во Домот за стари лица, се чека согласност од Министерството за финансии
Советот на Општина Куманово го усвои годишниот план за вработување во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ за 2027 година, со кој се предвидуваат 27 работни места.
Најголем дел од новите вработувања се однесуваат во службите за нега и медицинска помош, а предвидени се и места за стручен, административен и технички персонал.
Планот ќе биде доставен до Министерството за социјална политика, демографија и млади, кое, пак, ќе го проследи до Министерството за финансии, за да даде конечна согласност за бројот на новите вработувања.
Директорот Александар Крстевски, вели дека со планот се предвидени вработувања на шест негователки и шест медицински сестри, пет хигиеничарки, две готвачки и една сервирка, како и по еден социјален работник, воспитувач, физиотерапевт, работен терапевт, сметководител, правник и чувар.

„Вработувањата ни се неопходни заради непречено функционирање на установата и квалитетно извршување на сите наши активности. За 2027 година се очекуваат зголемени обврски, поради што е потребно обезбедување на континуирана здравствена, социјална и институционална заштита на нашите корисница, како и подигање на квалитетот на условите за живот во домот. Особено е изразена потребата од кадровски зајакнувања на стручните служби, со што ќе обезбедиме 24 часовна грижа на корисниците и подобра организација на работниот процес. Со годишниот план за вработување се врши кадровско екипирање согласно реалните потреби на установата. Од големо значење ќе ни биде доколку министертсвото ни одобри што поголем број на вработувања, бидејќи домот е отворен тип и тоа ја зголемува одговорноста во однос на безбедноста на корисниците“, образложи пред советниците директорот Крстевски.
Советниците од опозицијата го поддржаа планот и апелираа до надлежните министерства да дадат согласност за поголем број на вработувања, бидејќи установата работи со преполовен кадар.
Во овој момент во институцијата има 33 вработени, а 7 се ангажирани преку Агенцијата за привремени вработувања. За сметководствените и правни услуги, како и за одржувањето на хигиената ангажирани се приватни фирми.
Домот за стари лица работи со преполовен кадар и три години чека согласност за нови вработувања од Министерството за финансии.
Наместо предвидените 80, во установата работат триесетина лица, кои се недоволни за секојдневна грижа на околу 180 корисници. За негата на старите лица се задолжени само 13 негувателки и шест медицински сестри, распоредени во три смени, а според пропишаните нормативи, во секоја смена треба да има по една негователка на десет корисници.
Домот за стари лица „Зафир Сајто“ годинава одбележува 70 години постоење. Располага со 3.300 метри квадратни внатрешна површина и со исто толкав двор. Тој е еден од најголемите и најстарите државни домови во земјата кој го покрива Североисточниот Регион. Голем дел е реновиран, но има одели кои се со катастрофална состојба. Во него се сместени корисници од сите делови на државата, а воедно, има и долга листа на чекање за прием на нови корисници.