Мени

Куманово пред Куманово - Светски раритети во музејските витрини

15.11.2025 09:14 | KumanovoNews

Стаклен сад од римскиот гроб од Дрезга, село Лопате

Куманово пред Куманово - Светски раритети во музејските витрини

Во Кумановскиот музеј, се наоѓаат многубројни археолошки наоди коишто, освен што сведочат за историјата на нашиот регион, укажуваат и дека овој простор отсекогаш бил во чекор со цивилизациските достигања. Така, често циркулирале производи кои се вистинска реткост, дури и по светските музеи. Еден таков наод е откриен и при ископувањата на некрополата Дрезга, во атарот на с. Лопате. Имено, западно од денешното село Лопате, постоела римска станица за која дознаваме од откриениот натпис од еден споменик - вотивна ара. Овој споменик е посветен на богот Митра, од страна на Аполонидес, кој извршувал функција на контраскриптор во станицата Lamud... (римската населба кај Лопате, целото име не е сочувано), а бил функционер и во станицата VIZI... (римска населба кај Клечовце, целото име не е сочувано, реконструирано е како VIZIANUM според монограмот на истиот споменик).

Границите на населбата не се утврдени, но откриена е некрополата (гробиштата) на градот, во која, во неколку кампањи се истражени над 30 гроба. Во еден од нив, (гроб 37/98), покрај еден бронзен амулет (лабрис – двојна секира), и стаклен сад (фиола), археологот од кумановскиот музеј, Звонимир Николовски, пронајде и ексклузивен наод на стаклен бокал од типот „сад во сад“, кој датира од почетокот на 4 век. Имено, во еден поголем стаклен бокал, на дното, од внатрешна страна, е направено уште едно, помало садче - амфора. Овој тип на садови претставува мошне редок наод, и, заедно со познатите римски чаши - дијатрети, се вистински раритети во светските музеи.

Никој не знае точно како се правени стаклените производи од типот „сад во сад“. Модерните стаклари имаат направено многу обиди за реконструкција на процесот, кои секогаш завршувале неуспешно. Се претпоставува дека првите садови од овој тип се направени во Сириско – палестинскиот ареал, и дека сириските мајстори се преселиле во регионот на реката Рајна во Германија. Оттука, Келн станува центар на производство и дистрибуција на овој стакларски производ, па веројатно и нашиот примерок е донесен оттаму.

Како што рековме, овој тип на сад не е чест наод на римските локалитети. Географски најблиску до наодот од Лопате е фрагментот од ваков сад изложен во Солунскиот музеј, а пронајден во Дион – светиот град на античките Македонци, каде што внатрешниот сад има форма на зајак. Сад од ваков тип има и во Музејот на Универзитетот Принстон во САД, како и во University College во Лондон, Музејот на St. Andrews College – Шкотска и во неколку други музеи. Преку самиот факт што постојат толку мал број примероци од овој тип, како и тоа што модерните мајстори денес, и покрај користењето на модерни технологии, не можат да го произведат, претпоставуваме дека уште тогаш, стаклените бокали од типот „сад во сад“ претставувале ексклузивен производ кој може да си го дозволат само богатите. Веројатно таков бил и човекот кој уште пред 1700 години живеел во римската станица Lamud..., и бил погребан со неговиот омилен предмет, кој денес е изложен во постојаната поставка на НУ Музеј Куманово.

Автор: Дејан Ѓорѓиевски, археолог, НУ Музеј Куманово

(Римска ара од Лопате со натпис за станиците и донаторот)