Во Куманово започна пилот- проект за селекција на отпад од пластика
Пилот- проект за примарна селекција на пластичен отпад и лименки ќе се реализира во Куманово.
На околу 200 домаќинства во населбата „Зелен Рид“ денеска им беа поделени бесплатни канти за селектирање на отпадот, по што колективен постапувач на две недели ќе ги празни од домовите.
Целта на проектот е отпадот од домаќинствата да се одвои уште на почетокот на неговото создавање, со што се подобруваат условите за негово понатамошно собирање и рециклирање. На тој начин ќе се намалат количините на отпад што завршуваат на депониите, поефикасно ќе се искористуваат ресурсите и постепено ќе се воведуваат принципите на циркуларната економија во секојдневните навики на граѓаните.
Проектот го спроведува Одделението за заштита на животната средина од Општина Куманово, во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“, Министерството за животна средина и просторно планирање, Центарот за климатски промени и фирмата „Уно продукт”- Куманово.
„Денеска сме на улицата Мирче Ацев каде ќе донираме 200 пластични канти за селекција на шишиња од вода и сок, обена и необоена пластика и алуминиумски лименки од сок, пиво и храна и пластични кеси. Ова е пилот проект, почнуваме од овде, а ќе ги опфатиме и останатите улици во населбата и во други делови на градот каде ќе се поделат бесплатни канти, се со цел да го исчистиме градот од ПЕТ амбалажата. Се надеваме дека ќе се разбуди еколошката свест кај граѓаните и проектот ќе биде успешен“, кажа Сашо Томиќ, директорот на ЈП „Чистота и зеленило“.
Раководителката на Одделението за заштита на животната средина од Општина Куманово, Александра Протиќ, апелираше до граѓаните правилно да го селектираат отпадот.
„Сакам да ги повикам граѓаните, кантите кои ќе им бидат поделени да ги користат исклучиво за селектирање на пластика и лименки, за да не дојде до мешање со комуналниот отпад, заради воспоставување на системот за управување со отпад“, кажа Протиќ.
Бојана Станоевска Пецуровска, од Центарот за климатски промени, нагласи дека еден од столбовите на зелената агенда е и циркуларната економија, а таа не може да се обезбеди без примарна селекција.
„Во оваа фаза не можеме да опфатиме повеќе од 200 домаќинства, но и тоа е доволно, го правиме првиот чекор за да видиме како ќе функционира, за да можеме поефикасно да ја распространиме оваа пракса низ Куманово“, кажа Станоевска - Пецуровска.
Општина Куманово е дел од големиот проектот “Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на Западен Балкан на локално ниво”, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика Мобилитас“.
Кантите за селекција на отпад се донација од Министерството за животна средина.