Во тек е пријавувањето за Ноемвриската награда на Општина Куманово
Граѓаните на Куманово имаат можност до крајот на октомври да достават предлози за доделување на Ноемвриската награда за 2026 година.
Ноемвриската награда е највисокото признание на Општина Куманово што се доделува на истакнати поединци, претпријатија, организации, здруженија и заедници за постигнати посебни резултати во работењето и дејствувањето во стопанските и вонстопанските дејности, во едногодишен или повеќегодишен период.
„По повод 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово, Општина Куманово и оваа година ќе ја додели традиционалната Ноемвриска награда, како највисоко општинско признание за посебни достигнувања во одредена област. Делото и достигнувањата на авторот или организацијата треба да бидат поврзани со Куманово. Право да предлагаат кандидати имаат претпријатија, установи, здруженија, месни заедници, групи граѓани и поединци“, стои во соопштението на Општина Куманово.
Предлозите за доделување на Ноемвриската награда треба да се достават до Општина Куманово најдоцна до 31 октомври.
Парични награди се доделуваат само на поединци, додека останатите добитници добиваат плакети.
Наградите ќе бидат врачени на свечената седница на Денот на ослободувањето на Куманово - 11 Ноември.
(Фото: Од доделување на наградата во 2022 година)