Мени

Хаварисаните возила никако да се тргнат од јавните површини – Општината пак ги повикува сопствениците за бесплатно отстранување

10.02.2026 13:27 | KumanovoNews

По речиси една и пол година, Општина Куманово повторно ги повикува сите сопственици на неисправни, хаварисани и отпадни моторни возила, кои се оставени на јавно-прометни површини, да се вклучат во постапката за нивно отстранување.

Хаварисаните возила никако да се тргнат од јавните површини – Општината пак ги повикува сопствениците за бесплатно отстранување

Овојпат, повикот се однесува на одјавување на возилата во Одделението за управни работи Куманово (ул. „ЈНА“ бб).

„Со добиената потврда за одјава, граѓаните треба да се јават во Секторот за инспекциски надзор – Инспекторат при Општина Куманово, на ул. „Братство и единство“ бр. 18 (спроти Градскиот стадион), со цел овие возила да бидат отстранети на сметка на колективен постапувач со хаварисани и отпадни возила“, стои во соопштението од Општината.

Оттаму додаваат дека доколку сопствениците на неисправните или хаварисани моторни возила, оставени на јавно-прометна површина, не постапат согласно законската обврска, возилата ќе бидат отстранети од страна на колективен постапувач, а трошоците за отстранување ќе бидат на товар на сопствениците.

„Воедно, сопствениците на хаварисаните и отпадни моторни возила ќе се соочат и со прекршочна постапка од надлежен орган“, се наведува во објавата.

Ова е вторпат како Општината се обидува да ги мотивира граѓаните бесплатно да ги отстранат хаварисаните возила. Првиот пат беше обезбеден едномесечен период за бесплатно пружање на услугата, од 25 октомври до 28 ноември 2024 година. Тогаш пристигнале само две до три пријави, но ниту една од сопственик на возило.

„Само соседите ги пријавуваат хаварисаните возила, но нема заинтересираност кај сопствениците за бесплатно отстранување. Имавме две до три јавувања, но без ниту една интервенција“, ни рекоа тогаш од ЈП „Куманово-паркинг“.

Мерката имаше за цел да се расчисти јавниот простор – паркинг местата, тротоарите и другите јавни површини од возила кои со години не се во возна состојба, скапуваат и пропаѓаат.

Тогаш беше најавено дека по 28 ноември службите ќе пристапат кон целосно и неселективно отстранување на хаварисаните возила, со цел да се ослободи паркинг-просторот во општината. Возилата ќе се пренесуваат во депото на „Куманово-паркинг“ сè додека не се појави сопственикот. Трошоците за отстранување и „лежарина“ по истекот на промотивниот период ќе бидат на товар на сопственикот на возилото или на членовите на неговото семејство. Но, очигледно планот пропадна.

Најавено беше дека прво ќе се расчисти централното градско подрачје, а потоа акцијата ќе се прошири и во населбите.

Според извештајот на комуналните инспектори, на територијата на Општина Куманово има околу 70 хаварисани возила.