Задолжувањето е законско и согласно насоките на Министерството за финансии, велат од Општината по најавите на СДСМ дека ќе ја оспорува одлуката
Одлуката за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово е легитимна и донесена согласно закон, според инструкциите и насоките добиени од Секторот за управување со јавен долг од Министерство за финансии, рeaгираат од Општина Куманово по најавата на СДСМ дека ќе ја оспорува одлуката која беше донесена на последната седница на Советот, бидејќи е незаконска.
„Оваа општинска администрација на чело со градоначалникот Максим Димитриевски ја наследи Општината со долгови од над 900 милиони денари и тотална финансиска блокада. Ние со домаќинско работење ја деблокиравме и интензивно работиме за нејзин развој. За разлика од претходната власт, инвестираме во Општината, а не ги забавуваме и кочиме развојните процеси, кои се важни за нашиот град. Ваквите прес – конференции се одраз на водење дневна политика, а не водење грижа за граѓаните“, стои во писмената реакција од Општина Куманово.
Советничката група на СДСМ и коалицијата вчера најави дека ќе поднесе претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа и до Државниот управен инспекторат, со цел да ја оспори законитоста на одлуката за долгорочно задолжување на Општина Куманово во износ од 100 милиони денари кај домашни комерцијални банки, бидејќи предходно не била одржана јавна расправа.
Според најавата на надлежните, парите ќе се искористат за набавка за нови камиони за смет за ЈП „Чистоти и зеленило“ и за поставување на фотоволтаици во „Водовод“.