Почна реконструкцијата на Градската капела во Куманово
Започнаа градежните работи за реконструкција на капелата на Градските православни гробишта во Куманово.
Пред десетина дена од ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово најавија дека за време на реконструкцијата капелата нема да биде целосно затворена.
„Реконструкцијата ќе се изведува во две фази, така што дел од просториите на капелата ќе останат во функција за да може погребните обреди да се одвиваат непречено. Најпрво ќе се реконструира кровот, а потоа ќе се работи на фасадата, водоводната и електричната инсталација, просториите, како и на санитарните јазли“, изјави директорот Сашо Томиќ.
Реконструкцијата се реализира со средства од Владата, обезбедени од унгарскиот кредит, преку проект за кој аплицираше Општина Куманово.
„Продолжуваме со реализација на капитални проекти кои се од особено значење за нашите сограѓани. Со реконструкцијата на капелата ќе обезбедиме современ, функционален и достоинствен простор, со значително подобрени услови за користење и поквалитетна услуга за граѓаните“, објави градоначалникот Максим Димитриевски.
Од јавното претпријатие, апелираа до сите посетители на гробиштата да покажат разбирање, да ги почитуваат поставените ознаки и упатства и да се движат внимателно во зоната каде што ќе се одвиваат градежните активности.