×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Висока политика

    Владимир Трајковски

    Без малку, цела деценија политичко насилие, квази-интелектуална самобендисаност и општ грабеж на се што е јавно, дури и на она за кое никој до сега не помислил дека може да биде зграбено. Ако не сте биле дел од братијата која ова го изведе и сеуште живеете во она што беше Република Македонија, Ви честитам. Крајот е тука. Сигурно дека финалното поттурнување ќе биде тешко, но само тоа остана.

    Ако сеуште имате било каков сомнеж сакам да Ви помогнам да се ослободите од размислите. Сето ова беше за пари. Само за пари.

    Последиците од дејанијата на кабалот се случајни. Ако го земете стилот во кој беше уреден центарот на главниот град (не сакам да им се мешам во расправата за името на стилот) можете погрешно да дојдете до заклучок дека тоа беше иницирано како дел од некој план за нов културен инженеринг и како продолжена рака на прочуената антиквизација. Заклучокот би бил погрешен затоа што таква операција е премногу комплицирана за простодушниците кои три месеци ги слушаме како несвесно сведочат за себе, за својот морал, интелект и за својата воспитаност. Тоа беше направено затоа што за да биде изведено бараше најширок градежен зафат од сите други понудени опции. Колку поширок градежен зафат, толку повеќе пари и т.н.

    Антиквизацијата беше избрана на сличен начин, како најпогодна платформа за прикажување на Г-дин Груевски како врховен бранител на името, нешто што требаше да се претопи во гласови и што на краток рок беше исклучително успешно. Сепак овој потег не е дело на некој брилијантен спин-доктор туку е дрско препишана и за наши услови адаптирана верзија на ситуацијата околу српската „Книга за Милутин“, само обратно. Спомениците беа нужно зло, за да целата идеја биде сериозно сфатена од базата. Овде морате да имате предвид дека база се оние како презадоволниот „гражданин“ од пред Собрание, кому му бил поделен бесплатен сладолед. Поради тоа разбирате дека суптилно поставување споменици не им вршеше работа, тие мораа да бидат кичерајски соодветни на целната публика на која мора понекогаш да и биде бркнато во око (на пример со мечот на Воинот на коњ) за да се сети. Тоа што на крај излезе дека „бранителот“ разговара за името како да не може да се одлучи дали да купи две или три кила компири, па му вели на продавачот да додаде кило по што симпатично му признава дека се предомислил, тоа сладолижачите не ги допира, тоа е сечено, лепено и монтирано, разбира се.

    Сведочиме сите овие години како разни „аналитичари“ и „експерти“ искршија врат обидувајќи се да го декодираат процесот на носење одлуки на властодршците и евентуално да ги пресретнат идните потези. Никако не можеа да дојдат до советниците на Големиот Војвода и со тек на време почнаа да се плетат урбани митови за истите.

    Уште еднаш, нивната стратегија, ако можеме да ја удостоиме со овој назив, е истата онаа на Оригиналниот Војвода a.k.a Љубчо, само проширена и надградена. Неговото фалсификување на лични карти, користени само на локалните избори 2001 година во Охрид, момчетава го сфатија само како добар пилот проект, кој беше штета да не биде применет на целата територија. Втор лост беше, и секако сеуште е, шизофреното присвојување на успешни и полууспешни компании по државава, потег кој блика со инвентивност, ако за цел имате останување на власт.

    Она што за разлика од претходната стратегија е проширено и надградено е медиумската општа контрола. Веројатно се беа заколнале по поразот во 2002 година дека таква почетничка грешка никогаш повеќе нема да си дозволат. Некаква си слобода на говор и на информирање, ним да им ремети планови. Ајде ве молам.

    И тоа е се. Целиот нивен напор околу доаѓањето и останувањето на власт е насочен единствено и ексклузивно кон прибирање што повеќе јавни пари и нивно носење на грижливо одбрани локации, погодни за принудно слетување.

    Тајната е во тоа што нема тајна.

    Оправдувањето, на тазе разочараните сограѓани од ликот и делото на Г-дин Груевски, е стандардно. Дека се прикажувал како реформатор, како технократ и дека ветувал дека ќе работи само на економијата. И дека му поверувале.

    Меѓутоа, уште тогаш јавноста ги имаше на располагање информациите за становите, за блиндираниот џип, за платежната картичка. По којзнае кој пат, побаравме да бидеме излажани и тие не излажаа нежно.

    Сакам овде да бидам првиот кој ќе каже, ако не сум првиот слободно ме коригирајте, дека целава несреќа има неверојатно наивен и патетичен почеток. Сето ова почна со „пекмез“ рекламата за купување на производи со сонценце во која мало девојче и раскажува на својата кукла дека тато и мама би можеле да и купат се што ќе посака само кога сите родители би им купувале на своите деца производи со сонценце. Репутацијата на реформатор која Груевски ја има во 2006 година е скоро целосно базирана на сапунски телевизиски спот од две минути. И тоа е тажно.

    Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*