Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Веројатно поголемиот дел од кумановци знаат и слушнале дека Куманово оваа 2019 година прославува јубилеј 500 години постоење. На сите добро ни е позната 1519 година која се наоѓа на грбот на Куманово. Таа 1519 година, не е година кoja што е значајна само за Куманово, туку во светски размери е година во која се случувале многу значајни географски, историски и други настани. Така 1519 година е основана Панама, главниот град на истоимената државата Панама. 1519 година Фернандо Магелан ја започнал својата експедиција на „Патот околу светот“. 1519 година Шпанците ја откриле островската држава во Карипското море, Барбадос. Таа 1519 година шпанскиот конквистадор Фернандо Кортес го започнал освојувањето на Ацтешкото царство. 1519 година започнала мексиканско-индијанската војна, тогаш починал Леонардо да Винчи, а била родена француската кралица Катарина Медичи. Има уште многу што - што се случило таа 1519 година, но, да се навратиме на градот Куманово и кумановскиот крај за кој овде ќе обрнеме повеќе внимание.
Во XVI век, во периодот на турското владеење во Македонија, првпат се среќаваме со името Куманово. Имено, во сочуваниот пописен дефтер од 1519 година, заведен под реден број 170, регистрирани се населени места кои биле во состав на Нагоричката нахија, а според бројот на семејствата во секое населено место може да се дознае вкупниот број на населението. Во наведената година во составот на Нагоричката нахија се наоѓале 114 населени места. Значи, називот на нахијата е даден според називите на селата Старо и Ново (Младо) Нагоричане, а не според населбата Куманово.
Составот на населението во Нагоричката нахија (денешна Кумановска област) во 1519 година бил ваков:
Христијанско население, бројот на регистрираните семејства изнесува 3 173, а во 1573 година тој број изнесува 5 076 семејства. Ако се помножи со 5 членови во просек , произлегува дека во 1519 година на територијата на Кумановската нахија т.е. во сите населени места бројот на христијаните бил 15 865 жители.
Вкупниот број на регистрирани муслимани во 1519 година во оваа нахија изнесува 150 семејства. Ако кон овој број додадеме уште 15 други муслимански семејства од четири села, коишто истата година биле вклучени во Кумановската нахија, а во 1573 година се во други нахии, во тој случај вкупниот број на регистрираните би бил 165, од кои 144 семејства и 21 неженет. Ако појдеме од претпоставката дека едно семејство броело 5 членови, тоа значи дека вкупниот број на муслиманите на овој терен во 1519 година би бил 720. Единствено село во оваа време кое е населено само со муслиманско население е Куманичево со 13 семејства, додека бројот на селата со мешано население (христијанско и муслиманско) изнесува 25. Најмногу регистрирани муслимани се среќаваат во селото Хасановци (Оризари) 26 на број, а бројот на христијанските семејства во истото село изнесува 4. Во Куманово има 19 муслимански семејства, во Скендерли (Доброшане) 17, во Беракли (Проевце) 14, а во преостанатите села бројот на регистрираните муслимани се движи од еден до максимум 6.
Произлегува дека во 1519 година на територијата на Кумановската нахија христијаните биле 15 865, додека бројот на муслиманите во оваа време, како што веќе видовме изнесува 720, што значи дека вкупниот број на населението во 1519 година изнесувал околу 16 585 жители. Бројот на населени места како што рековме во 1519 година е 114, а во 1573 година 128, односно за 14 села поголем.
Што се однесува до населбата Куманово која во текот на XVI век во попсините дефтери е регистрирано како село, во 1519 година имало 34 христијански и 19 муслимански домаќинства, или околу 265 жители.
Може да се види дека по големина тоа претставува мало село во составот на Нагоричката нахија, со оглед на тоа дека многу други села: Младо (Ново) Нагоричане, Старо Нагоричане, Матејче и др., се далеку поголеми, од каде што имале и поголеми давачки спрема турската власт. Спрема својата големина, односно спрема бројот на населението во Нагоричката нахија, доминирало селото Ново (Младо) Нагоричане, од каде произлегува дека тоа било и централното место во нахијата и дека по него и нахијата ја добила името. Селото Куманово во тој период се наоѓало надвор од тогашната сообраќајница кои се вкрстувале на Нагоричанското плато, што непосредно влијаело и на неговиот развој.
Разгледувајќи ги хронолошките извори од XVI век, регистриран е еден запис од непознат венецијански патник од 1559 година. Меѓутоа, тој не го споменува Куманово, туку селото Доброшане. „...Бидејќи во Скопје престојувавме три дена, ги заменивме коњите и 9. јули стигнавме во едно село кое се нарекуваше Доброшане, 18 милји...оваа место е убаво и изобилува со многу извори...“
И овој запис на непознатиот венецијански патник недвосмислено зборува за патен правец кон Ќустендил, кој се протегал по течението на Пчиња и Крива Река и излегувал на Нагоричанско плато.
Посебно внимание заслужува бројот на исламизираните христијани во 1573 година. Поаѓајќиод презимето во пописните дефтери констатиравме дека помеѓу регистрираните муслимани во Кумановско во 1573 година има 61 исламизирано лице од прво колено од редот на христијаните. Така на пример во самото Куманово од вкупно 52 регистрирани муслимански семејства, 14 се исламизирани христијани. Во селото Лојане од 20 регистрирани муслимани – 4 се исламизирани; во селото Беракли (Проевце) од 19 регистрирани, 5-мина се исламизирани; во селото Алгунија има само двајца регистрирани муслимани и двајцата се исламизирани христијани; во селото Клечовце од 12 муслимани четворица се исламизирани и т.н.
Од претходниот текст може да заклучиме дека денешниот град Куманово, првпат како населено место се среќава во турскиот пописен дефтер за Ќустендилскиот Санџак од XVI век, во склоп на тогашната Нагоричка нахија, кое во 1519 година имало околу 265 жители. Можеби, Куманово како населено место постоело и пред 1519 година, но немаме пишан запис. Се претпоставува и има едно народно предание, дека Куманово како село постоело и во средниот век, за време на владеењето на фамилијата Дејановиќ, кога главниот административен центар во тогашното средновековно Жеглигово (денешна кумановска област) бил во Нагоричане.
Интересно е да се напомене дека во 2022 ќе се навршуваат 100 години од основањето на денешната населба Карпош (Рајкова Куќа), каде што колонистот Рајко Благојевиќ во 1922 година прв соѕидал куќа и ја основал денешната населба Карпош.
Користена литература:
М. Соколоски - Куманово и Кумановско во текот на XVI век, Македонска академија на науките и уметностите, Одделение за општествени науки, Скопје, 1976.
М. Соколоски - Турски документи за историјата на македонскиот народ = Documents turcs sur l`histoire du peuple Macedonien. Т. 5, кн. 1, 2, Опширни пописни дефтери од XVI век за Ќустендилскиот санџак, Архив на Македонија, Скопје, 1980.
Д. Масевски & М. Арсовски - Болто – Куманово (историја, уметност, традиција, култура), Македонска ризница, Куманово, 2003.